Нежно газење со високи потпетици

Пишува: проф.д-р Катерина Тодороска

 

Моето детство го поминав во една скромна куќа во центарот на Скопје, а моите родители, двајцата шнајдери секогаш имаа премногу работа оти требаше деца да се ранат, но и да се задоволат пребирливите вкусови на муштериите. Народ како народ, имаше секави, ама и никакви.

Татко ми Ѓоре, мајтапчија веројатно од раѓање, имаше обичај да се насмее со муштериките од мајка ми, дека ако реши да се преженува, пак Љубе ќе си ја земе. Оти арна била. На тоа признание, многупати се водеа цели дебати, кој, кого, како, зошто …, во врска со бракот и животот.

Мојата соба имаше прозорец свртен кон дворот од каде се слушаша сѐ од сопчето од мајка ми, во кое таа беше од утро до мрак наведната над машината. И денес го живеам чувството на уживање кога ја слушав како слатко се смее на досетките на муштериките кон признанието на татко ми.

Еден ден, кај мајка ми на проба дојдоа некои нови ликови кои не ги бев видела дотогаш. Пристојно дотерани мајка и ќерка, газејќи како по јајца низ нашиот двор, влегоа во сопчето од мајка ми. Двете беа, за мој вкус, премногу нацементирани во лицата и со сто кила кармин на бузите. Клепките им беа богато зачинети со не знам што, ама одвај си ги држеа отворени капаците од очите. Дури, се сеќавам се смеевме вечерта дека следен пат кога ќе дојдат ќе им понудам чепкалки за да си ги потпрат како на цртаниот  Том и Џери.

Искрено, дотогаш не бев навикнала на такви муштерики кај мајка ми. Оти и таа и сите дотогашни беа некако домаќински ликови, со многу вкус и многу почит едни кон други. Ама, Љубица моја имаше невидено чувство за човекот и секогаш тврдеше дека фасадата не ја прави куќата. А јас сѐ и верував, оти на пргаво како мене, му требаше пример за верба, трпение и спокој.

Во меѓувреме, додека пробаа, татко ми пиеше ракивче со двајцата чистачи на нашата улица, инаку долгогодишни компањони на Ѓорета во таа важна машка операција пред ручек.

А цементираните пробаа што пробаа, додека си одеа Ѓоре дофрли нешто, смешно и интересно, нешто што ниту се однесуваше на нив, ниту  можеше со било што да ги навреди. Но, ден потоа дојде момче, се претстави како шоферот на цементираните мајка и ќерка и побара да си ги земе веќе почнатите алишта. Мајка ми ги спакува, и без збор да зборне таа, момчето раскажа дека татко ми седел со Цигани на улица и се мајтапел со нив, нешто што нив многу ги навредило.

После некој час молчење, мојата мајка Љубе изусти: Ова, Калино е нежно газење врз човекот. И тоа со високи потпетици. Да не ти се случи вакво нешто во животот.

Ме учеа и ме научија дека фасадата не ја прави куќата, дека не смеам да газам по човекот. Ме учеа и ме научија дека безгрешни не постојат, но и тоа дека постојат бездушни кои нежно газат по туѓите души, безобзирно заривајќи ги со високите потпетици.

Бескрајно сум им благодарна за уката која ми ја дадоа.

Дниве сведочиме на борба на мислења за тоа кој од кого е поголем вљубеник во македонската држава, кој е предавник со тоа што ќе биде оцрнет дека не сака државата некогаш, да му стане европска, ама прво НАТО-вска. Луѓе се натфрлаат со изливи на понижување, бербатење, оцрнување на оној другиот кој не размислува како нив. Оти, нели, ние научивме дека ако ја браниме Владата сме многу моќни. Та, нели моќта е во парите, а парите се добиваат нели за проекти, нели и изуми, нели и за фантомски фирми и нели, за што ли уште не. И секако, со толку нули во џебот и по некоја друга цифра пред нулите,  лесно се купуваат чевли со најостри и највисоки потпетици, лесно козметичарите ќе ги заѕидаат ликовите на нечии рамена, истите оние што до вчера мислевме дека ги познаваме.

Алчност до болка, болка до коска, коска за народот.

Истите овие кои биле исти како оние, нѐ научија дека покрај нив постоиме и ние, ни овие ни оние. Во истовреме постојат и други, некои кои денот го почнуваат со копање по контејнери за да најдат корка леб. Знам, на сите ни е мака за нив, ама не ни текнува да ги прашаме дали тие знаат за нашите „крвопролевања“ за НАТО и ЕУ-интеграциите? Дали тие се глодаат за нулите со по некое бројче пред нулите, кои многумина од нас не знаат ни да ги прочитаат, фрлени за чевли со високи и остри потпетици?

Да, пријатели. Мене ме научија цврсто да газам по земја без чевли со потпетици, ама притоа и да застанам на патот на нежното газење со чевли со високи и остри потпетици врз човекот. И застанувам оти не е доста од газење, премногу е.