Неизвесно згрижувањето деца во градинката ,,Кочо Рацин’ заради непродолжени договори за вработување

Неизвесно е дали по новогодишните празници, родителите на децата од градинката „Кочо Рацин“ ќе имаат каде да ги згрижат своите деца .

Единаесетмина вработени на определено време во матичниот објект на новоизградената градинка “Кочо Рацин“ се во неизвесност и чекаат дали Министерството за финансии ќе им ги продолжи договорите за времено вработување, кои завршуваат на 31.12. 2016 година. Во спротивно, по новогодишните празници, децата ќе останат незгрижени, затоа што групите ќе бидат затворени-алармираат од општина Центар.

Неколку пати директорката се обраќаше до Министерството за труд и социјална политика, укажувајќи на итноста и сериозноста на состојбата. Одговорот од Министерството беше дека ова барање, градинката ќе треба да го достави по стапување на сила на буџетот за 2017-та година. Буџетот беше донесен , но проблемот се уште не е решен. Ваква согласност за продолжување на договорите, во текот на вчерашниот ден добија повеќе градинки во Скопје.

Денеска директорката, по насоки од МТСП, се обрати и до Државната комисија за спречување на корупција за продолжување на согласностите.

Комплетното функционирање на градинката се доведува во прашање, бидејќи од јануари 2017 година уште шест лица заминуваат во пензија.

И по 20 дописи и барања во 2016 година до Министерството за финансии, преку Министерството за труд и социјална политика, за пополнување на 8 испразнети и слободни места заради на пензионирање, согласност за вработување нема.

Седумдесетина деца до двегодишна возраст, од општина Центар чекаат да бидат згрижени во групите јасли, иако градинката располага со 5 празни занимални токму за оваа намена, кои што се комплетно модерно опремени-известуваат од општина Центар.