Некогаш и сега

 

Пишува: проф.др Катерина Тодороска

 

Некогаш    

Некогаш, кога бев во основно училиште одев наутро исплашена дали доволно сум научила за сите часови кои ги имав во текот на денот. А имав најмногу шест часа дневно. Мислев дека чантата ми беше претешка, а деновите прекратки за сите обврски.

Кога бев шесто одделение во Песталоци ни дојде една наставничка по историја. Се викаше Милка Тодоровска, а важеше за многу строга наставничка. Нејзините часови беа празник за мене и од тогаш знаев дека ќе бидам наставничка по историја. Патем, не само што не беше строга туку ни беше како родител, ама знаењето беше на прво место бидејќи толку многу вложуваше во секоја лекција, што и беше жал ако нешто не ни го пренела на разбирлив јазик. Лекциите беа по две-три страници, а некаде се наоѓаше и по некое сликиче. Патем, имавме и дополнителна литература со која читавме „нешто повеќе“ за темата. И таму немаше сликички, туку читлив и разбирлив текст за нашата возраст.  Учебниците и дополнителната литература задолжително ја пишуваа луѓе од наставата, наставници кои ја знаеја психолошката подготвеност на децата од соодветна возраст. Секако, кон нивниот тим се појавуваше и по некое име од науката како коректор на дотогашните текстови за да се внесат и најновите сознанија.

После часови се знаеше. Полјанката, каде што денес се наоѓа Грчката канцеларија за врски,  ни беше собирно место од каде тргнувавме со велосипеди до Парк низ улиците низ Буњаковец и Дебар Маало. Тогаш кога се собиравме повеќе деца трчавме на Партизанска да играме одбојка, џамија и мал фудбал. Ќе поминеше по некој автомобил од каде насмеаниот чичко ќе мавнеше со рака и ќе прашаше: „Како е дечки“?

Улиците „дишеа“ не затоа што немаше автомобили туку затоа што секој своето возило го чуваше во дворот, без да пречат некому.

Некогаш, ручекот беше ритуал кој не смеевме да го пропуштиме оти „на чинијата“ се раскажуваше како сме поминале во училиште, што имаме за учење, дали некој не навредил, дали некого сме навредиле, како сме се смееле… И патем, веднаш за секој проблем следуваше по некоја поучна приказна од народната традиција.

А потоа, се знае учење. И тоа здраво учење, оти најголемо задоволство беше да покажете што и колку сте научиле, која нова книга или текст сте го прочитале, дали сте нацртале убав цртеж за Папаз да не се налути за чкртките….. И сето тоа без мама и тато над глава, оти тие имаа свои обврски.

Некогаш, посебен предизвик беше одењето на натпревари. Тоа беше празник и за одбраното дете, и за одделението и за училиштето. Сите се восхитувавме на успесите на нашите играорци, математичари, историчари, ОТП-вични раце… Сите, без завист и злоба.

Долгогодишната подготовка низ училиштата и факултетите за одбраната професија моравме да ја докажеме дека сме доволно образовани за да одговориме на обврските кои ни беа според „буквица“. И не секогаш излегуваше дека се сме знаеле и се сме научиле во тој исклучително сериозен ЈУ-образоваен систем.

Некогаш, освен Тито не знаевме ниту еден политичар, не знаевме дали нашите родители имаа или не пари да платат струја, вода, данок и други дажбини за државата. Не бевме чуле дека политичари крадат од устата на својот народ за нивните џебови да бидат што подебели.

Сега

Децата одат во училиште како на корзо, а имаат по седум, да 7 часа во петто одделение со училишните ранци се тешки од 5-7 кг. Мерено е.

Лектирите ги читаат ако можат и ако имаат време. Наставничката по природни науки ги учи дека „сонцето личи како да се врти, ама не е така“, согласно недозволиво неточните и импровизирани „учебници“ по Кембриџ, кои патем полесно е да ги сместите во сликовници отколку во учебници. Но, такви се сите други т.н. учебници. Со години реагираме на „авантуризмот“ во учебниците по историја. Сликовници, напишани на недозволиво неразбирлив јазик за децата, обременет со термини кои никогаш не ги чуле, а објаснувањата (ако ги има) се понеразбирливи од зборот.

Сега учењето е невиден напор и за децата и за родителите. Сега нема „идоли“ меѓу наставниците, нема желба да се биде најдобар во нешто.

Сега натпреварите за учениците се обична фарса. Плати и добиваш диплома. Мрско ми е да пишувам за последното искуство од едно од моите деца.

Сите што имате допир со деца од основно и средно образование знаете за што пишувам.

И децата кои сакаат да научат повеќе се обескуражуваат бидејќи задолжителните петки за сите ученици на крајот на годината станаа причина никого и ништо да не интересира. Знаењата со кои многу деца излегуваат од основно образование се толку скудни што во средните училишта се немоќни да ја дополнат празнината д 9-годишното корзо до училиште и назад.

Враќањето од работа е катадневна тортура која до тој степен ќе ве изнервира што немате ни нерви, ни насмевка за своето дете кое сака да ви раскаже како го поминало денот во училиштето.

Сега. Сега ручекот е оброк „од нога“ бидејќи кога се прибираме дома од работа, веќе треба да излегуваме за да ги однесеме децата на германски, кинески, џудо, музичко, танци, играорна…. Топлината на домот и семејната атмосфера се луксуз кој можеме да си го дозволиме час пред спиење, или ни тогаш.

Сега, маалото каде пораснав е најголемата грешка на Скопје. Кога и да е, еден ден, мора да се обелодени кој, како и зошто го уништи со дозволите за градење. И не само во моето маало. Сега нема две деца да си играат, нема другарчиња, нема полјани, нема дворови. Се што ќе видите во моето маало се малите просторчиња меѓу автомобилите, колку да поминете меѓу нив, многу несоодветни згради каде живеат нервозни луѓе, вечно намуцурени и стемнети.

Сега градот не „дише“ оти секаде некому му ќефнало да направи „паркинзи“ и при тоа ем им наплаќа на луѓето што живеат тука, ем наплаќа на „гости“ кои сѐ помалку ви доаѓаат. Сега, на Партизанска изнасадиле заштитни столпчиња па им ги уништија дуќанчињата на народот кој долги години работеа таму, го уништија пазарчето Буњаковец, уништија…. Во име на редот во градот, а за „доброто“ на фотелјите и фотелјашите.

Сега и децата знаат дека избегал Грујо, дека на власт е Заев, дека…. Сега може да ве ограби некој недугав, да ви ја уништи државата, да уништува лични животи, да предизвикува општонародни трагедии и без никаков проблем да ви замине од државата која го суди. Сега може едно обично диктаторче да го користи разурнатиот, од него, судски систем за „вадење“ со политички прогон, може потрерница по него да се распише во време тамам погодено за да не биде запрен до крајната дестинација. Сега може сѐ.

И потоа ме прекоруваат дека сум била ЈУ-носталгична. Да, пријатели. Тоа беше времето кога директор не смееше да краде од платите на вработените во некоја институција, а потоа да стане главен во некоја државна комисија за купопродажба на национални интереси на државата. Тоа беше време кога работниците земаа повеќе плата од администрацијата оти тие го вадеа лебот и за себе и за административците. Тоа беше време кога за уништување на образованието не смеевте да помислите, а камо ли да прифатите децата да ви учат од недоветни Кембриџ-учебници. Тоа беше време кога семејството и пријателите не се продаваа за фотелја, за интерес, за бедна заработувачка. Тоа беше време кога се почитуваше ЧОВЕКОТ, не облеката.

НЕКОГАШ ми недостасува, СЕГА се срамам.