Нема соодветна грижа за децата мигранти

Првата детска амбасада во светот реагира за несоодветниот третман на децата мигранти без родителска грижа од страна на нашата држава.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши при своите редовни посети на ТЦ Табановце констатира дека во континуитет има најмалку по едно дете без придружба и со илегален статус! Не се испочитувани стандардите за влез во државата на децата, немаат дефиниран статус: баратели на азил или деца бегалци и истите имаат поминато илегален премин и престојуваат во овој центар без придружба на родител или старател.

Во Република Македонија, за жал, сè уште има деца кои се илегално влезени, немаат придружба и илегално престојуваат во државата. Децата не се евидентирани и регистрирани од страна на Министерството за внатрешни работи и Министерството за труд и социјална политика. Системот на детска заштита е несоодветен за децата мигранти/бегалци кои престојуваат без статус и придружба. Како може овие деца да престојуваат во Транзитниот центар Табановце ако се илегално влезени во државата и се без родителска и старателска придружба? Која е функцијата на овој Транзитен центар? Децата бегалци да транзитираат или да престојуваат?!

Откако границите се затворија, во континуитет постои овој проблем. Некогаш станува збор за едно дете, некогаш за повеќе. Но, секогаш во кампот престојува барем едно дете кое не е евидентирано и не е регистрирано, а вклучително е и без родителска грижа. Зошто државата не им го дефинира статусот на овие деца дали се бегалци или баратели на азил? Децата во ТЦ Табановце немаат никаков статус.

Каде е одговорноста на државата и нејзините институции во решавањето на овој горлив за децата и зошто тие институции не постапуваат по најдобриот интерес на детето? Зошто на координативните состаноци кои се однесуваат на мигрантите не учествува Министерството за внатрешни работи? Јавноста заслужува одговор на сите поставени дилеми и прашања и децата заслужуваат да им се регулира статусот и да им се најдат родителите и да се спојат со семејствата.
Исто така, ги повикуваме и меѓународните и домашните организации кои се стационирани во транзитните центри да посветат посебно внимание на ова прашање и да преземат соодветни мерки.

За состојбата со децата без статус и придружба кои се сместени во ТЦ Табановце е запознат и Народниот правобранител.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши уште на почетокот на оваа година апелираше дека не смее да се дозволи да транзитираат деца без родител, без најблизок во семејството. Бирократските класификации не треба да бидат пречка и не треба да се стави под прашање ниту една основа дали се деца мигранти, дали се бегалци, дали децата бегаат од војна или се економски мигранти. Едноставно, децата пред сè се деца, и пред сè, и над се, децата мора да бидат приоритет на секоја држава и мора да им се гарантира сигурноста и безбедноста. Најмногу труд и сериозен пристап треба да се вложи во насока на пронаоѓање на нивните исчезнати родители и децата да не се пуштаат сами да патуваат без придружба. Да потсетиме уште еднаш дека децата бегалци без придружба се лесен плен на криминални банди, изложени се на сериозен ризик од експлоатација, трговија со луѓе, злоупотреба на детски труд… За овие криминални банди децата бегалци без придружба вредат милиони евра и чекаат момент како да стигнат до нив. Тие оперираат до транзитните центри и секаде каде има можност децата бегалци да се движат. Покрај се, жално е што илјадници деца бегалци без придружба транзитираа преку Република Македонија, а се уште не се преземаат посебни мерки за нивна заштита.

Република Македонија мора да гарантира дека ќе го почитува најдобриот интерес на децата и на децата бегалци ќе им овозможи посебна заштита и грижа. Се повикуваме на Член 2 од Конвенцијата за правата на детето и бараме од државата да се грижи за потребите на децата бегалци, се вели во реакцијата на Првата детска амбасада Меѓаши.