Професорот на ФОН, Александар Поповски, си поднесе неотповиклива оставка од Управниот одбор на Пливачка федерација на Македонија, заради скандалот со непријавувањето на пливачот Евгениј Поп Ацев за учество на Европското првенство во Глазгов.

Поповски во оставката пишува:

 ,,Јас проф. д-р Александар Поповски како досегашен член на Управниот Одбор на ПФМ на Р.Македонија имам морална обврска да ја образложам мојата оставка.

Како долгогодишен спортист, спортски работник и сега како професор во спортот и спортскиот менаџмент, целиот свој живот го посветив на единственото нешто кое води до врвен спортски резултат, а тоа е ФЕР ПЛЕЈОТ. Искрено се надевав дека ќе го дадам својот придонесс за развој на пливањето во Р. Македонија, но очигледно многу сум погрешил.

За што се работи ?

Се работи за неправдата која му е нанесена на нашиот пливач Евгениј Поп Ацев кој макотрпно работи веќе дваесеттина години и ни носи само успеси, не само за себе и своето семејство, туку и на најтрофејниот клуб во РМ – АПВК СТУДЕНТ од Скопје, и на крајот и на нашата држава.

Имено, од март месец до денешен ден , во повеќе наврати раководството на ПФМ, од неразбирливи причини за мене, го опструираат неговото учество на значајни маратонски трки, а врв на сето тоа однесување е ненавременото пријавување за моменталното европско првенство кое се одржува во Глазгов и покрај ветувањата од нивна страна пред месец дена, дека ќе биде  сѐ е во ред и дека Евгениј ќе настапи на истото.

Моето учество во УО на ПФМ беше со цел  ваквите грешки кои беа дел од минатото да не се повторуваат и да се грижам за доброто на сите пливачи во РМ, тоа беа моите очекувања, а кои во вакви услови на функционирање не сум во можност да ги реализирам“-стои во неотповикливата оставка на Поповски до Пливаќка федерација на Македонија.

На чело на Пливачката федерација е Александар Маленко.

Тој, според обвинувањата на Евгениј Поп Ацев, намерно доцнел со неговото пријавување за учетство на Европското првенство во Глазгов.

Поп Ацев  не го крие разочарувањето од ваквиот исход, со оглед на фактот дека учеството на ЕП требаше да биде круна на неговите настапи за оваа година.

,,Не ме пријавиле на ЕП, или како што велат, не ме примиле. Квалификуван сум од фебруари, но прашајте ги Маленко и Стефановски зошто ме нема на листата на учесници“ , вели пливачот Евгениј Поп Ацев.

Насловна фотографија: Евгениј Поп Ацев