Несовесни станари ги тероризираат соседите и околината

Откако пред пет години беше пуштена во употреба социјалната зграда во Кавадарци, настана тотален хаос во околината, се жалат жителите кои живеат во зградата, но и во близина.Царува нечистотијата, а објектот е подложен на демолирање. Сега нема никој од надлежните да дојде да види што се случува овде, местото е како депонија, нема мир ниту дење ниту ноќе, реагира станари и околното население и јавно ги повикуваат надлежните да поведат сметка за несовесните станари, кои, според нив, им го одзеле мирот и спокојот кои ги имале пред да се изгради зградата.

-Не можеш да зборуваш за некаков живот овде, стравуваме за децата, постојано сме нервозни затоа што неколку неодговорни фамилии не држат овде како заложници. Ни ги искршија домофоните, поштенските сандачиња, подрумите се разбиваат,се краде на големо. Неодамна имавме и случај кога запалија оган во подрумот па зеле со гламносани дрва да се потпишуваат по зидовите, а за малку избегнавме и да бидеме опожарени. Тоа не им е првпат, велат други станари во социјалната зграда.

Велат дека имало ситуации кога забележувале некои од несовесните станари да чепкаат околу струјата, оставале голи и неизолирани кабли да висат однадвор и кои претставувале опасност за децата кои играат во дворот на зградата.

-Гнасно е, внатре во влезот, пред влез, по скалите,пред влезните врати на становите, страшно. Имаше денови кога во нивното лудување земаа тесла и ги лупеа зидовите однадвор. Не се ретки случаите кога некој станар утрото кога ќе излезе надвор да забележи дека некој вршел нужда пред неговата влезна врата. Не смееме ни да се расправаме со нив, агресивни се, се закануваат, како да сме во затвор. Вакво нешто не верувам дека има некаде на друго место, најтрагично од сето ова што иако реагиравме и баравме помош од надлежните никој не најде за потребно да реагира и да ни помогне,велат станарите кои не сакаат да ги именуваме, зашто како што велат, веднаш потоа ќе ги снајде нешто лошо од „лудите“ соседи.

Во зградата која е на пет ката има триесет станови, а според нашите соговорници најмногу проблеми имаат од триесетина соседи кои живеат во неколку стана на социјалната зграда. На нивните „лудории“ реагира и околното население. Велат дека реакциите до локаланта и централната власт не вродиле со плод, затоа морале вака преку медиуми да алармираат за страшните состојби во овој дел на градот со надеж дека ќе се размрдаат институциите и дека на несовесните потстанари ќе им се одземе правото да живеат овде или пак ќе следуваат некои други санкции.

Затоа што,сега, како што е ситуацијата, потенцираат загрозените соседи, објектот кој зафаќа површина од 1.230 метри квадратни и кој чини 900 илјади евра, изграден со средства од државниот буџет сега е оставен на „располагање“ и милост и немилост на неколкумина хулигани.

Билјана Н. Тошевски