,,Не го даваме Фени“, стотина вработени протестираа пред судот во Велес

 

Вработени во кавадаречкиот комбинат за никел ,,Фени индустри“, денеска пристигнаа на протест пред Основниот суд во Велес , како што велат, за да се реши конечно иднината на фабриката и да можат да продолжат со работа.

На 20 јуни кога се одржа последното судско рочиште за Фени требаше да се донесе одлуката  за прифаќање на планот за реорганизација, но истото беше одложено за денеска,кога се очекува да се заврши стечајната постапка, а со тоа и неизвесноста околу иднината на комбинатот. Душко Николовски, Претсeдателот на синдикатот на вработените,  за АКо.мк изјави дека очекуваат да му се стави крај на стечајот.

– Поминавме еден многу тежок период ама денес очекуваме да биде ден за славење и победа на работникот,ликвидација нема да дозволиме и бараме од судот како и досега да го заштити работникот. Со тоа што цело време фабриката работеше и ни се платија сите плати и побарувања, а се исплатија и сите доверители, ние својата иднина ја гледаме во ,,Еуроникел“ и даваме целосна подршка на планот за реорганизација. Доста е со манипулации и никој не смее да си поигрува со нашите судбини, тоа нема да го дозволиме,изјави Николов.

Блаже Тасев,советник во Советот на Општина Кавадарци и вработен во Фени вели дека е дел од советниците кои не го потпишале писмото за поддршка што го пратил градоначалникот на Кавадарци.

– Јас не се согласувам и не давам подршка на предлог за ликвидација, бидејќи сум дел од ФЕНИ многу добро знам колку е нереален предлогот за наводно отворање на рудникот Ржаново и дека ниту Фени може да просперира со овој рудник, ниту пак општината може да очекува дека ќе добие пари во буџетот по тој основ. Ликвидација нема да дозволиме и  очекуваме конечно да се стави крај на стечајот, и да му се овозможи на новиот инвеститор ГСОЛ кој не финансираше сите изминати месеци да го реализираат планот за реорганизација,порача Тасев.

Од Еуроникел,претставништво на ГСОЛ  информираа дека од листата доверители, со исплатување на вкупните побарувања излегла и бугарската компанија Енекод, откако и таа им го продала своето побарување .

До пред некое време, пред да им се исплатат  побарувањата, Енекод беа заинтересирани  да го преземат Фени, па уште пред да се објави стечајот, тие се „самопрогласија“ за сопственици, но кога од трите банки доверители им беше даден услов да се платат платите на вработените, Енекод писмено ги известија банките дека не можат да го сторат тоа.

На последното Собрание на доверители, Енекод заедно со другата бугарска компанија Минстрој побараа отфрлање на планот за реорганизација, сопирање на стечајот и впаричување на имотот на Фени. Исто така, сопственоста на Енекод е поврзана и со Минстрој, бугарската компанија која спротивно на законот и правните процедури, се уште бара да се запре целиот процес за рестартирање на Фени и да се ликвидира, нешто на што остро се спротивставуваат вработените на Фени. И експертите велат дека ликвидацијата е најлошото што може да му се направи на Фени и сите што зависат од кавадаречкиот комбинат,информираа од Еуроникел.

Во моментов, најголем инвеститор во Фени Индустри останува ГСОЛ со своето претставништво ,,ЕуроНикел“, кој со отворањето на стечајната постапка ги откупи сите побарувања и стана единствен доверител. Исто така, оваа компанија стана и закупец на комбинатот во периодот додека да се оконча стечајната постапка со цел да се спречи понатамошно напластување на долговите и Фени побрзо да се врати во производство.

Вчера ЕуроНикел писмено ја информира Слаѓана Тасева дека ќе поднесе тужба против неа и ,,Транспаренси Интернешнл“ за клевета откако тие побараа јавно повлекување на изјавата дадена на 25 април 2018 година и извинување за изнесената клевета, но не добиле одговор.

 

Билјана Тошевски