Не сакам да ме третираат како баџанак на Мијалков

Не сакам да ме третираат како баџанак на Мијалков вели новоизбраниот судија во Судот за човекови права во Стразбур Јован Илиевски во интервју за Дојче Веле.

,,Жал ми е што сум третиран како ‘баџанакот на Мијалков’, бидејќи професионално сум се реализирал пред оваа гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт, изјави Јован Илиевски.

Шефот на македонското Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Јован Илиевски (1958), вчера со 106 гласа „за“ беше избран од Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Освен Илиевски, кандидати беа и судијката од Уставниот суд, професорката Наташа Габер-Дамјановска, која добила 86 гласа, како и Звонимир Јанкуловски, професор и актуелен македонски амбасадор во Ватикан. Претходно, Комисијата за избор на судии при ПССЕ, имаше разговори со кандидатите од Република Македонија, по што со тесно мнозинство гласови ѝ даде предност на Наташа Габер-Дамјановска. Звонимир Јанкуловски не доби препорака од Комисијата на ПССЕ.

Дојче веле разговараше со Јован Илиевски непосредно откако домашните медиуми синоќа ја објавија веста за неговиот избор.

ДВ: Господине Илиевски, очекувавте ли да биде избран за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур?

Илиевски: Сега слушнав на вести. Немам официјална потврда за изборот. Но, секако дека очекував и се надевав, особено откако влегов во финалето на процесот за избор, кој беше многу напорен. Сметам дека ги поседувам сите квалификации што се потребни за функцијата што треба да ја извршувам.

ДВ: Според информации од ПССЕ, пратеници на ВМРО-ДПМНЕ агресивно лобирале кај пратениците од десничарските, сестрински партии, кои се мнозинство во Парламентарното собрание. На тој начин била „стопена“ првичната предност на Габер-Дамјановска.

Илиевски: Немам такви информации и мислам дека тоа не е точно. Напротив, имам информации дека против мене биле праќани многу дописи, со многу невистини. Не знам кој го правел тоа. Она што го знам – е дека се работело против мене, а не за мене.

ДВ: Избран сте во период кога индициите за криминал од „бомбите“ се предмет на истраги од СЈО, а меѓу нив и за судско-обвинителски напредувања според партиски тефтер. За вашето име се врзува „референцата“ баџанак на Сашо Мијалков, сега бивш директор на УБК. Се разбира, роднините не можете да ги избирате, но во јавноста таа врска се сметаше за ваш објективен хендикеп при овој избор, особено во овој момент. Или можеби не?

Илиевски: Јас и пред нашата Комисија бев потполно искрен. Во сите изминати години буквално сум се преработил. Не ми беше право, и жал ми е што во јавноста сум третиран како ‘баџанакот на Мијалков’, бидејќи ако се погледне хронологијата на мојата професионална кариера, јасно е дека сум се реализирал во годините пред оваа гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт. Вие, на пример, најдиректно ме прашувате за ова. Од Комисијата, пак, ме прашаа дали сметам дека има некои недостатоци кои би пречеле на изборот за оваа функција. Не знам дали мислеле на истото, но кај мене тлееше впечатокот дека мислат на тоа. Им реков дека нема такви недостатоци.

ДВ: На што ја темелите таквата увереност?

Илиевски: На мојот минат труд. Моето прво вработување беше во Јавното обвинителство во 1983 година, како приправник. За заменик обвинител бев избран во 1989 година, уште во стариот систем. Од 1993 година се посветив на адвокатурата, сѐ до 1997 година, кога повторно се вратив во Обвинителството. Тогаш бев избран за обвинител со мандат до 2002 година. За шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција сум избран во 2004 година. Затоа, не ми е пријатно кога мојата кариера ја врзуваат за баџанак или за владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

Целото интервју на линкот подолу.

DW