Низ розовите очила на власта ова ѓубре е невидливо

Од: Емилија Лазаревска

-Владата со години ја игнорира еколошката апокалипса покрај патиштата низ Македонија-

Состојбата на планот на еколошка свест и култура на однесување на жителите на Македонија е очајна и од ден на ден полоша и понеподнослива.

Сообраќајната делница, дел автопат, од Скопје до Охрид е во алармантна и крајно недопустлива состојба.

Таму секој дел, секоја педа од крајпатот, било од левата или од десната страна, се претворени во диви депонии.

Несфатливо е како успеале луѓето да исфрлат толку отпад покрај патот, та дури и на средишниот зелен појас меѓу двата автопатски правци од Скопје до Гостивар и обратно.

Пластични шишиња, хартии, цели кеси наполнети со отпадоци исфрлени покрај автопатот, паралелно горат стрништа низ нивите

Депонии зад банкините. Голем проблем се и продавачите кои го оставаат ѓубрето зад себе

Посебна приказна се паркинг стојалиштата кога ќе тргнете од Гостивар кон Охрид. Буквално секој попатен паркинг е претворен во депонија. Енормно количество отпад е донесен со камиони и исфрлен таму. Ситуацијата е очајна . Со години нема реакции од ниту еден надлежен орган централен или локален.

Овде застануваат фрлаат отпад, ги празнат автомобилите, бешиките и заминуваат, смрдеата и ѓубрето остануваат

Ова место е веднаш десно кога ќе почнете да се спуштате од превојот Стража. Таму пак, на Стража, секој што поминал кон Охрид и застанал да јаде мекици, видел што? Дива депонија. Никој не чисти, на патниците не им пречи. Битно да се јаде и да се печали. За хигиената и општествената одговорност во некој друг живот и во друга држава.

Бидејќи оваа, како што тргнала работата, ќе скапе од напластеното ѓубре.

Македонија пат, Влада, локални самоуправи. Функционери! За што земате плата?!

Само во саботата од 12 часот до 12 и 30, се разминав со две државни делегации, после каменоломите од Маврово надолу, кои итаа со полициско обезбедување кон престолнината.

Ова дали не го видовте?

Еден од каменоломите од Маврово кон Скопје

Енормна количина прашина. Преполовени планини. Уништено зеленило и шуми. Има ли лимит колку ќе се корне камен од утробата на земјата и ќе се загадува пошироката околина? Дали ова некој го контролира? Колку ова придонесува за општата еколошка катастрофа во регионот , па и пошироко?

Продолжуваме.

Една од најцрните еколошки точки е овој паркинг простор, со поглед кон Вруток и преубавите планински појаси, кои како никаде, имаат волшебни есенски бои на крошните од дрвјата. И наместо да се направат уредени стојалишта, со видиковци, корпи за отпадоци и контејнери кои редовно ќе се чистат и ќе се празнат, тие се претворени во диви депонии!

Градежен отпад донесен од некаде со камион
Очај
Оставено да гние со години, никој не го чисти

Дали некој во оваа држава, води сметка за апокалиптичната еколошка состојба? Зошто владата не го става овој проблем како врвен приоритет? Дали за нив ова не е врвен приоритет? Имаат ли план како да го решат проблемот со некултурата на граѓаните на оваа земја? Зошто не се спроведуваат постојните закони? Зошто не се едуцира населението? Зошто никој никого не казнува? Зошто директорот на Инспекторат на Град Скопје се жали дека нема доволно инспектори, а се’ уште на државни гради се над илјада вработени, кои повеќе од десет години седат дома и земаат плата?! Каде го има ова? Зошто тие веднаш не се распоредат како контролори и еколошки инспектори? Зошто не се направи планска реорганизација на државната администрација и секој вработен да се искористи максимално според своите квалификации, способности и знаење, или да им се даде едноставно конкретна работна задача, со конкретно работно место.

Дали никој, ама баш никој од државните функционери не го гледа ова низ Македонија, зошто не ги интересира и зошто не реагираат?

Зошто поставените државни функционери надлежни за екологија и чистота не си ја работат својата работа? Што тие придонеле за да ги плаќаме и толерираме? И уште безброј прашања без одговори…

Па, до кога вака, драги функционери?

Не ве слушам веќе што зборувате, туку ве гледам што правите.

Партиски послушници и неспособни апаратџици, отстапете!

Зарем вие не живеете овде, каде се школуваат и растат вашите деца? Со оваа ли еколошка разгледница, со ова ли неодговорно однесување ги учите и воспитувате за иднината?

Ова ли е нашата иднина?

Симнете ги веќе вашите розови очила и за почетокот, а можеби и за крај, погледнете низ моите…

Емилија Лазаревска

п.с. ова е текст на конкретна тема и простор, секаде каде што стапнала човечка нога е исто или полошо. Секаде! Имаме еколошка апокалипса! Свестете се!