Николовски: Цела Влада е вклучена во решавање на проблемот со наметнатите царини од Косово

 

Косово за Македонија е сериозен трговски партнер, со голем суфицит во нашата трговска размена, токму затоа мора сериозно длабински, темелно да се пристапи на решавање на состојбата со наметнати царини за земјоделските производи од Македонија, рече на денешната прес конференција министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.

 

Министерот за земјоделство Љупчо Николовски, на денешната прес-конференција информираше  дека преку низа на средби во Косово за надминување на овој проблем, беше вклучен министерот за надворешни работи Никола Димитров. Вклучен е вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, советниците на претседателот на Владата, и се разговара со сите. Денеска се разговарало и со потпретседателката на Владата задолжена за ЕУ на Косово.

„Јас сум постојано во контакт со мојот колега во Косово, а министерот за економија Крешник Бектеши со министерот за економија на Косово. Мора да имаме трпение. Она што очекуваме, а јас очекувам и денеска во најкраток можен рок, Косово да ја преиспита одлуката. Во моментов се закажува седница на Владата на Косово. Постојано сме во комуникација и сметам дека сите разговори одат во таа насока, а тоа е Одлуката да биде повлечена. Сите нови моменти ги очекуваме во следните неколку часа. Веќе утре, има регионална министерска средба во Белград, Србија од каде едногласно се испраќа пораката за прекршување на ЦЕФТА спогодбата и за потребата оваа одлука веднаш да биде повлечена. Ние како Влада, разговаравме и за мерките кои треба да ги преземеме за заштита на нашето производство“, истакна министерот Љупчо Николовски.

Во моментов имаме активни мерки за доматите, за која земјоделците бараат продолжување на истата. Ги разгледуваме сите опции и можности во делот на штетите кои ги имаат претрпено земјоделците, дали ќе има интервентни мерки во зголемување на нивните износи или во зголемување на субвенциите за површина, ќе се знае откако ќе ги добиеме сите податоци и параметри кои производи се загрозени, рече Николовски.