Николов: Несоодветно е барањето на ММФ за зголемување на старосната граница за пензионирање

И од ММФ да е, премногу е! Несоодветно за Република Македонија е да се бара решение за првиот пензиски столб преку зголемување на старосна граница за граѓаните за да го остварат правото на пензионирање. Ова прво не одговара на релативно точната дијагноза за причините на проблемот кој се јавил. Ако причините биле неостварени очекувања од владини политики треба точно да се каже кои се тие политики, какви биле ефектите и што ќе се промени.
Второ, не одговара на профилот на вработените кој е претежно во трудоинтензивните дејности каде „амортизацијата на вработените е забрзана“, постои висока невработеност, видлива и невидлива подвработеност, слаба партиципација, практично нула генерирање на работни места, а да не се субвенционирани (и се неодржливи), механичка емиграција особено на младите, висока стапка на долгорочна невработеност, родова диспропорција по сите показатели на работната сила. За овие и за ваков профил на пазар на работна сила ќе зголемувате старосна граница? Уште поважно, ова не е системско решение туку краткорочна мерка која ублажува ризици по готовинските приливи за краток временски период со огромни опортунитетни трошоци по граѓаните на Македонија.
Трето, не може да се прави механичка споредба со други држави. Кој квалитет на живот го имаат вработените и воопшто граѓаните на Македонија за  да одржуваат иста продуктивност на постари години и да ги споредуваат со квалитет на живот и траење на живот со развиените земји? Каква е таа глупава аналогија која се прави кога овде не функционира пазар на работна сила и ефикасна пазарна економија и каде владее општ дефитизам и див запад економија?
Четврто, со повисока старосна структура доаѓаат и повисоки трошоци за здравствени услуги. Кој ќе биде економскиот ефект од евентуално зголемување на старосна граница за пензионирање и опортунитетниот трошок кој ќе се јави по здравствениот фонд?имате пресметки за тоа? Во кој тоа квалитетен здравствен јавен сектор ќе се лекуваат овие се уште вработени со преку 60 години? Како ќе им го олесните пристапот? Имате прилагодени домови, активности и работни места за овие луѓе? ММФ може да каже што сака. На Владата е одговорноста да води грижа за населението и да не прифаќа вакви препораки кои ММФ ги дава на било која Влада во било кое место на Земјината топка.
Марјан Николов, Претседател на Центар за економски анализи 18 Февруари 2018, Скопје
АКО.мк