Новата влада да ја подобри безбедноста при работа

Групација за безбедност и здравје при работа бара новата влада да ги подобри условите за работа, посебно на работниците изложени на безбедносни и здравствени ризици.

Групацијата констатираше дека не е постигната целта на Законот за заштита при работа и заради тоа итно се потребни негови измени, но и реално спроведување на законските прописи.

 

Потпретседателот на Групацијата Борче Стојчевски на денешната прес конфеенција рече  дека во овој перид се навршуваат 6 години од издавањето на првите овластувања на правни субјекти за извршување работи поврзани со безбедноста при работа согласно Законот за безбедност  и здравје при работа кој пак е со „старост“ над 9 години.

Ако една од целите на Законот е заштита на вработените и намалување на бројот на несреќи на работа, а со тоа бројот на повредини вработени или изгубени животи, тогаш оваа цел не е постигната.

Стапката на повредени и загинати работници на своето работно место секоја година се зголемува.

Стапка на фреквентност на повредени вработени*

Стапка на фреквентност со смртни последици*

Во недостаток на податоци не може да се направи анализа за последните две години, но сознанијата на Групацијата укажуваат на зголемување на бројот на несреќи при работа.

* Податоци од ДИТ (број на повреди) и Државниот завод за статистика (број на вработени)

Со одредени законски измени е подобрен начинот на пријавување на повредите и можеби оттаму зголемениот број на повреди, но повредите со смртни последици никогаш не можеле да се сокријат, а и тие покажуваат зголемување.

Како правни субјекти, членки на оваа Комора, кои учествуваат во процесот на безбедност при работа не се задоволни од видливите „резултати“. Дел од вината за оваа состојба мора да се префрли и на правните субјекти. Нивната активност како овластени правни лица се состои во услуги за работодавачите, како изготвување и спроведување на обуки за безбедно работење, мерење на физички, хемиски и биолошки штетности, проценка на ризици, испитување на опрема за работа и др.

Затоа од идната влада на Република Македонија се бара:

  1. Промена на законската регулатива за безбедност и здравје при работа и нејзино повторно приближување кон законодавството на ЕУ, особено во начинот на полагање на стручен испит за стручно лице за безбедност при работа, начинот и условите за овластување на правните субјекти, начинот на контрола над нивната работа, како и ослободување на пазарот (сега постои ценовник на услугите дефиниран од Министерството за труд и социјална политика).
  2. Промена на подзаконските акти кои се недоречени, несеопфатни и наместа конфузни и носење на нови за областите кои не се целосно опфатени
  3. Координација меѓу министерствата при дефинирање и доделување на ингеренции и носење на законска регулатива.
  4. Поголемо вклучување на сите учесници во безбедноста и здравјето при работа при носење на стратешки документи и законски решенија кои треба да бидат базирани на реалните состојби, а не на желби на поединци или групации.