Нова амбасадорска офанзива за надминување на политичката криза во Македонија

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретна со амбасадорите на Р.Германија, Кристине Д.Алтхаузер, на Обединетото Кралство на Велика Британија и северна Ирска, Чарлс Гарет, на Кралството Шведска, Матс Стафансон и со амбасадорот на Кралството Холандија, Ваутер Пломп.

Констатирано е дека Република Македонија мора да ги продолжи демократските процеси со што ќе осигура стабилна иднина за своите граѓани.

-Парламентарното мнозинство од 67 пратеници е подготвено да ја реализира граѓанската волја за промени, изразена на изборите на 11 декември. Чекорите што следуваат во брзо време се избор на нов собраниски претседател и нова реформска Влада, според Деловникот на Собранието, Уставот на Р.Македонија и законите, рече претседателот Заев.

На средбата се разговараше за потребата сите политички субјекти во државата, институции и поединци да ги имаат предвид одговорноста што ја имаат да го овозможат овој процес, како и последиците од евентуалното противуставно однесување на штета на државните интереси.

-Неопходно е Трајко Велјаноски и Ѓорге Иванов да постапат според мнозинската волја на граѓаните, и опозицијата, Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ да овозможат мирен трасфер на власта, рече претседателот Заев.

Оценето е дека излез од кризата е спроведување на итните реформски приоритети во Македонија, што ќе ги одблокираат евро-атлантските перспективи, а тоа ќе обезбеди квалитетен живот за сите граѓани, раст на економијата и животниот стандард и развој на државата.