Нова зграда за новото министерство предводено од Артан Груби

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска беше во новите простории на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, во рамки на новата владина зграда. Зградата претходно беше планирана за седиште на Антикорупциска комисија.

Премиерот и првиот вицепремиер искажаа големо задоволство што новото министерство доби зграда, која патем е дел од проектот Скопје 2014 и чини 14 милиони евра.

„Владата на Северна Македонија, веќе втор мандат продолжува успешно да го надоградува концептот за Едно и еднакво општество за сите. Нашето општество е изградено од граѓани со различни етнички, јазични, културни, религиозни или други особености кои се наше богатство.

И сите тие, припадници на различните етнички заедници, се дел од нашиот мозаик наречен Северна Македонија и даваат личен и значаен придонес во развoјот на нашето мултикултурно и мултиетничко општество.

Доследно почитувајќи ги европските вредности, како Влада обезбедуваме заштита на сите прашања кои се однесуваат на политичкиот живот и односите меѓу заедниците, почитувајќи го спроведувањето на правото на употреба на јазиците и писмата на заедниците и гарантирањето на заштитата на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет на заедниците.

И со таа цел денес се наоѓаме во новиот објект на Владата на Република Северна Македонија каде помеѓу другите институции ќе биде и Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, кое беше основано со единствена цел – на најдобар можен начин да одговори на потребите на граѓаните.

Со обезбедување на просторното решение се обезбедуваат услови за реализација на работите што се однесуваат на функционирањето на политичкиот систем, реализација на стратешките приоритети поврзани со обврските кои произлегуваат од Рамковниот договор, како и обезбедување, координација и усогласување на работата на органите на државната управа за спроведување на овој Договор.

Реализирајќи ја стратешката програма и рамка, јакнејќи ги институциите, Владата на Република Северна Македонија продолжува посветено да работи на општество кое не прави разлика помеѓу немнозинските и мнозинските граѓани, општество на еднаквост.

Европските принципи и вредности се клучни на нашиот пат на кој веќе се наоѓаме и кои значат обединување и почитување на индивидуалните и колективните идентитети, грижа за различностите и ранливите граѓани, почитување на мултикултуралноста и интеркултурниот дијалог.

Сега, повеќе од било кога треба да работиме сплотени заедно, за да си ја направиме земјата подобро место за живеење.

Сега со уште повеќе верба, посветеност и единство, да се посветиме на градењето европски стандарди дома. Тие стандарди значат одговорност и отчетност пред граѓаните во борбата за Едно општество за сите. Значат бескомпромисна борба со корупцијата и криминалот за да се обезбеди достоинствена живеачка тука во нашата татковина. Тоа е во мандатот на сите министри и заменици-претседатели на Владата, тоа е во мандатот на целата Влада, верувам дека заедно ќе се движиме кон таа цел“-изјави Заев.