Нова прозна книга на Томислав Османли

„ПАРАДОКСИКОН“ е НОВАТА ПРОЗНА КНИГА ОД ТОМИСЛАВ ОСМАНЛИ

 Во издание на „ВиГ Зеница“ од Скопје пред извесно време се појави збирката раскази и новели, необично насловена „ПараδΩξicoN“ поточно „Парадоксикон“, инаку најнова книжевна творба на писателот Томислав Османли. Таа го носи поднасловот „фантазии, очудувања, каприча, фарси и гротески, парадокси во проза“. „Парадоксикон“ на Османли се појавуваат како четиво со жестоки, книжевно впечатливи критички набои. Дванаеетте, главно долги прози, без задршка шибаат по современата отуѓена стварност.

 – Станува збор за книга чија појава силно ќе прозвучи во новото македонско литературно творештво – вели писателот и издавач Глигор Стојковски и додава –  Авторот на „Парадоксикон“ ги открива гротескните и фантастични суштини на современото секојдневие соголувајќи ги актуелните начини на отуѓување. Тој живописно, комично и едновремено горчливо говори за деперсонализацијата, егоизмот, сексизмот, меркантилноста, профитерството, социопатијата, консумеризмот…поконкретно – за парцијализираното, некомплетно, осиромашено, на пати и крајно извитоперено, тажно „човекување“ на индивидуата во современото пред сѐ наше, но и универзално општество.

 Расказ по расказ, во сѐ посилна и повпечатлива низа од сатирични доживувања и ситуации Османли ги гради своите книжевни согледби како светови на драстични растојанија колку од моралот, толку и од логичната реалност. Главни јунаци на оваа силна и енергична прозна книга се осамени личности препуштени на нивните судбини,  карикатурално и живо насликани ликови, но и тревожни ситуации на современата општествена стварност кај нас, а во текот на слоењето на густиот наратив во најновата прозна книга на Османли, ќе се покаже, и во современиот, длабоко истравматизиран светски човек.

 -Ова време – вели авторот Томислав Османли – произведува нови форми на отуѓувања и на изневерувања на човечката индивидуална и колективна сушност. Протагонист на нашава современост се гротескни ликови: поделени, испарцелизирани, испратикуларизирани, испартизирани единки кои ја живеат таа своја егистенцијална морална трагедија – парадокално – како поднослива драма. Без оглед што самото тоа постоење е полно со гротескна фантастичност, и со персонални и колективни каприци. За нив веќе пишував во моите претходни збирки раскази „Каприча“ и „Океан од слики“, меѓутоа сега тие слики се крајно изострени, претставени без анестезија, во нивната травматична суштина, како колективни и иднивидуални парадокси.

 Во драматичниот домашен и светски „карневал на парадоксите“ за кои, од проза во проза, зборува овој писател, стојат исклучително оригинално, сочно, стилистички и јазично ослободено раскажани прози. Нивниот јазик е раскошен: варира од високо интелектуален до богато колоквијален, дијалектен, народски, интелектуален, но и опсецен. Наративите на оваа особена книга се еминентно прозни, а на пати спонтано се прелеваат во еден вид богат и драматичен белетристички есеизам кој ги бише границите меѓу жанровите и спонтано преминува од едниот во другиот. Конкретно, прозите на „Парадоксикон“ се повести за современите бегалци – светски талкачи од Блискиот Исток, за домашни правно невидливи лица, за исчезнати луѓе заталкани во некоја субјективна и подобра реалност, за бебиња најдени во контејнери, за една дезинтегрирана и неемпатичка цивилизација која им робива на потрошувачките вредности и на личното „ego“ од секаков вид, од меркантилниот, сексуалниот, властољубивиот, до административниот.

 Книгата „Парадоксикон“ на Османли е критика која доаѓа како сила на отпорот, токму од спротивниот етички пол, од неотуѓениот и човекољубив морал на еден интегрален и интегриран карактерен и литературен идеал.Објавувањето на оваа книга во издание на „ВиГ Зеница“ е подржано од Министерството за култура во рамките на Годишната програма за остварување национален интерес во културата во 2020 година.