Новинарите не се вреќи за боксирање

Многу го критикувам македонското новинарство. Не ретко критикувам медиуми и новинари. Ама до последно ќе ја бранам мојата професија, посебно од неосновани, малициозни и злонамерни напади.

Да не сме ние новинарите, со сите наши маани и доблести, ќе живеете во мрак, неинформираност и незнаење. Немаше да знаете ниту за Нефи, ниту за дивоградбата пред Мавровка, ниту за рекет, речиси за ниту една девијантна појава, ништо немаше да знаете, освен она што ви го сервираат Владата, партиите и капиталистите.

Затоа, запрашајте се зошто партиите и владите сакаат да ве држат во потчинета состојба, а не зошто ние новинарите ви ги отвораме очите за нивните криминали и недела.

Не беше вест живото вклучување во уривањето на дивоградбата, најдрска и накриминална на свет, туку таа, дивоградбата и тие што му го продале државното земјиште на човекот кој два месеца се криеше како змија нозете.

Тој што си го запали кафулето за време на полициски час и кој почна градба на нелегален цврст објект за време на полициски час.

Ние не сме непријателот. Тие се вашите непријатели. Ве лажат и мамат, а вие (тие што ќе се препознаат) сакате да им верувате на нивните лаги и измами. Е зошто вака?! Зошто, еве кажете ми?

И следниот пат кога ќе се јават некои и ќе ми пишат во инбокс, кажи, ама те молам мене не ме спомнувај, кажете си сами. Оти 1001 сме го кркале стапот за да ја кажеме вашата вистина, на гледачите, обичните граѓани, читателите.

Во ваше име, ние сме на ветрометина.

Во ера на преноси во живо на секој чекор, каде и да сте, со кого и да сте, кога секој случаен минувач може да се вклучи во живо и да го пренесува, на пример, уривањето на дивоградбата пред ,,Мавровка“, или што ќе му падне на ум, како јаде, како се сонча, како оди во тоалет…некои бараат веста на денот, да, веста на денот, да биде куса, под инсерти, на крајот од вестите.

Нема да може така.

Новинарството е јавна професија и секој си дозволува да ни соли памет како да работиме, впрочем, секој се замислува новинар, благодарение на социјалните мрежи, но и на интернет новинарството.

Но, има граници до каде може тоа да се толерира.

Гледајте си ја вие вашата, а ние нашата работа. Така е најдобро за сите.

Повторувам, суштината на настанот за кој пишувам е во друго, а не дали медиумите го пренесувале во живо или не. Оставете ни ја таа проценка нам.

Впрочем, новинарите ја обелоденија ујдурамата пред ,,Мавровка“, и многу други ујдурми.

И пак ќе биде така, без оглед на злонамерните и неиздржани коментари.

И конечно, апсолутно не ги разбирам некои реакции. Ги сфаќам како Миле контра.

Мавровка, дивоградбата, ова, она…викање, вриштење, пиштење. Прва вест секаде. Сега, се урива дивоградбата и замислете некои медиуми решиле тоа да го пренесувааат во живо, па било сензационализам, па глупости, па не знам што.

Прво, апсолутно е оправдано пренесувањето во живо на МИА, Слободна Европа, некои портали и други медиуми. Така мислам како новинар професионалец. И за тоа имам издржано професионално објаснување и елаборат ако сакате.

Ако не пречи некому вести да се почнуваат со протестот на шестмината пред Влада против 5Г и носење маски и чипирањето на Бил Гејтс, ова ќе го сфатам како терање мак на конец или битно да се мрчи.

Се разбира дека повеќе знаете од мене за новинарство, ама ај да си кажам.

Емилија Лазаревска

( Емилија Лазаревска е основач и Главен и одговорен уредник на портал АКО.мк. Професионален новинар е од 1986 година, кога, како студент на новинарство, почна да работи како хонорарен соработник во Телевизија Скопје, каде стекна богато новинарско искуство. На почетокот на деведесетите беше вработена во МТВ на неопределено време. Во 1998 година ја напушти МТВ и оттогаш, од самите почетоци и формирањето на телевизијата, па сѐ до 15 јуни 2016 година, работеше во Телма како новинар и уредник. Во нејзината 18 годишна кариера во Телма учествуваше во формирањето на редакцијата на вестите, а 13 години беше Одговорен уредник на вести)