Новинарството не живее веќе тукa

 

 

Најтешко е да се пишува за себеси. Овој текст го сфаќам така, бидејќи е посветен на новинарството, моето второ јас.

Ние, новинарите, навистина имаме и тешка и одговорна работа. За да можеме да известуваме за се и од сите области, многу често да соопштиме непријатни, тажни, болни работи, но и да критикуваме, согледаме неправилност, незаконитост, злоупотреба, треба да сме доволно потковани, искусни, независни, професионални, авторитетни.

Последните десетина години овие карактеристики не живеат веќе во новинарите или, во голема мера се збришани. Малкумината, верни исклучиво само на професијата, полека, пишувајќи –одумираат.

Последниот бастион на независното новинарство во традиционален медиум, беше збришан пред две и пол години, кога црвениот телефон јасно стави до знаење дека и информацијата или традиционалната вест мора да прават пари. Информативните емисии станаа шоу, а вестите бизнис.

Од тој момент, стана непрофесионално и политички некоректно да се зборува дека само груевизмот го уништи новинарството во Македонија или дека сите критички новинари се избркани од медиумите од режимот.

Или, стана синдикално некоректно да се премолчи чистката на половина дописничка мрежа и на десетина професионалци, а да се седне на прес конференција со дотогаш анонимен млад новинар од ,,непријателска ,, тв куќа и да се беседи дека заради некаков текст против власта е избркана оттаму.

Факт е дека политичката коалиција ВМРО ДПМНЕ-ДУИ го растури новинарството буквално како дете тропалка. Но, факт е и тоа дека во голема мера самите сме виновни, пред се заради меѓусебната нетрпеливост, суетност, интереси, лоби групи , неколегијалност и пари. Некој за многу, некој за малку.

Неприфатливи се двојните аршини на новинарската заедница, па кога на пример цела гарнитура новинари од Алфа ќе бидат избркани и заменети со  подобни, тогаш тоа е политичка чистка, а кога исто толку новинари, ќе бидат исчистени од Телма и заменети со други по кеифот на раководителот, тогаш, тој има право на тоа и не е политички мотивирано.

Политичката мотивираност тука ја гледам во воведувањето на таканареченото балансирано новинарство. Измислица за да се неутрализираат исклучително негативните ефекти за актуелната политичка гарнитура по објавувањето на најголемиот скандал во историјата на македонската држава-прислушуваните разговори. Еве, замислете си каква ќе беше ситуацијата да не се балансираа вестите или емисиите , туку да се работеше исклучиво според новинарски  правила. Дали тогаш задолжително ќе моравте да ги слушате подеднакво,  условно кажано, и жртвите и џелатите?

Секаде во нормалниот свет кога некој  ќе биде фатен во таков политички и криминален скандал си поднесува оставка, а не се спасува преку балансирање на вестите. Згора на тоа, си дозволуваат да прават силум,  непрофесионални комбинации на соговорници, политичари, кои лично ги бранат своите ставови и постапки, и самонаречени аналитичари, кои зборуваат во името на фатените на дело. А тие, фатените со рацете во медот,  и  натаму не ве удостојуваат со своето присуство, иако постојано им се нудат прилики за тоа. На тој начин, со  балансираното информирање , свесно или не-продолжуваат да ги спасуваат.

Новинарството во Македонија денес е привид. Јавниот сервис е предмет на експеримент, уникатен во светски рамки, а одговорниот уредник предложен од опозицијата има невозможна мисија да ја врати професионалноста за кусо време и со врзани раце. Всушност, со ова вештачко решение можеби и се прави мала услуга на опозицијата, но не и на професијата.

Генерално земено, новинарството во вистинска смисла на зборот веќе и не постои. Сите ние или речиси сите, на овој или на оној начин одработуваме за некоја политичка опција или за сопственикот на медиумот. Синџирот на притисоци се движи еднонасочно од политичарите кон бизнисмените, овие преку раководителите кон новинарите. Политичарот го уценува бизнисменот, а овој новинарот, а новинарот како краен извршител ги спроведува наредбите за да опстане политичарот или бизнисот заедно со бизнисменот. Мислејќи притоа дека и тој колку-толку, опстанува.

Овој меѓупериод, на промена на власта, најверојатно, е специфичен по многу нешто, посебно за новинарството.

Мој драг колега, исто така избркан во неодамнешета сеча на старите непожелни кадри од куќата која новинарски ја градевме, ја кажа  болната вистина дека никогаш не било полошо. Треба да се издржи, вели.

Но, што потоа?

Има ли некој одговор како ќе се враќа довербата во новинарството?

РЕАЛНО , нема време за спасување на новинарството. Планот за продолжување на неговиот ЖИВОТ требаше да биде јасен уште завчера.

Утре веќе може да е доцна, бидејќи маргинализираните професионалци одумираат, притаени некаде или  пишувајќи по портали.

Доколку не се искористи вистинскиот потенцијал во новинарството, ќе изгубиме сите-и ние и вие.

Затоа, вратете ни го новинарството, дајте им го на тие што знаат како . Не калкулирајте со послушните, туку овозможете им услови на професионалците.

И ние си се знаеме меѓу нас, а пак  вие, уште повеќе.

Одвојте го новинарството од политиката, без  калкулации и математики, туку, политиката на политичарите, новинарството на новинарите.

Секој своето и секој на своето.

Во спротивно, не знам шу ќе правиме.

 

Емилија Лазаревска