Новите пратеници ги добија уверенијата од ДИК

Државна изборна комисија денеска(28.12.2016) им ги врачи уверенијата на новите пратеници, со што и официјално тие ќе ги претставуваат граѓаните во Собрание на РМ. Овојпат, присуствуваа само овластени претставници од политичките партии, а не како што беше случај порано, секој лично да го подигне своето уверение.

Претседателот на ДИК Александар Чичаковски им честиташе на новоизбраните пратеници и рече дека ДИК е задоволна од тоа како се спроведени изборите, согласно стандардите и препораките на ОДИХР.

Стефан Богоев од СДСМ кој ги прими уверенијата за сите 49 пратеници од СДСМ и коалицијата единствен даде изјава потоа. Тој рече дека сега следува свикување на Собрание, дека тие очекуваат тоа да се случи во најкус можен рок, бидејќи откако ќе се конституира новиот Парламент, ќе се пристапи кон формирање на нова Влада, а тие очекуваат СДСМ да ја предводи.

Како што е познато, на предвремените парламентарни избори ВМРО ДПМНЕ и коалицијата освоија 51 мандат, СДСМ и коалицијата 49, ДУИ 10, Беса 5, Алијанса на Албанци 3 и ДПА 2 мандата.

Никоја од партиите нема ниту просто мнозинство , што значи онаа која ќе обезбеди во постизборна коалиција 61 пратеник , ќе може да формира нова Влада.

АКО.мк актуелно-објективно