Нови опасни синтетичи дроги на балканската рута

По појавата на нова, исклучително опасна синтетичка дрога во Словенија, која во мали количини може да биде смртоносна, српските здравствени и полициски власти го креваат алармот и предупредуваат дека многу бргу може да се прошири низ земјите на балканската рута.

Според процена на полицијата, за разлика од другите видови дрога, синтетичките најбргу и најлесно се распространуваат. Неделно, во светот се појавуваат на нарко-пазарот дури по два вида нови синтетички дроги.

Четири флуоро-бутир-фентанил супстанцата е исклучително опасна. Заедно со карфентанолот и ацетил-фентанолот спаѓаат во исклучително опасни синтетички дроги кои се појавиле изминатите неколку години во светот и однеле многу животи.

Српскиот Национален центар за контрола на труењето предупредува дека во Европа досега се регистрирани стотици смртни случаи од користење на овие синтетички дроги.

Овие супстанци предизвикуваат депресија на целиот нервен систем, на дишните патишта и неминовно доведуваат до смрт. Инаку, тие се користат за успивање на големи животни, како слонови на пример, но во исклучително мали и контролирани дози.

Користењето на централнобалканската рута за шверц на дрога е доволно предупредување дека секоја нова синтетичка дрога лесно може да стаса на црните пазари во Србија, Македонија, Црна Гора и Албанија – предупредуваат од српското министерство за внатрешни работи.