Нож под бундата на Валентина

,,Ова е ноќ на ножевите”-драматично од длабина на грлото викна глумицата која на насобраните неколку стотици добро ,,подгреани” поддржувачи длабоко во ноќното студенило, вели, им раскажувала поезија. Таа под леопардовото директорско крзно да ти држела книги од Анте, а не нож како што сме помислиле ние останатите неуки и злобни луѓе.

Таа лаже дека ножот за кој зборува е оној од стиховите ,,не ме уплашија векови со нож в туѓа рака, ме плаши час со ноќ од рака своја в плеќи”. Таа мисли дека ние сме стоеле простум пред неа во ноќта црна, а не тие што му воскликнуваа на поетот Амди кој посака ,,последниот македонски предавник Зоран Заев” од поезијата на Валентина, да заврши на кардиологија, па на гробишта и сите заедно така собрани, поетското друштво, таму да одат и да му палат свеќи.

Таа вели ние не сме ја разбрале, а ја разбрале донесените со автобуси кои, нели, се многу по книгите, па набиени со добра литература воскликнуваа ,,на гробиштааа…., таму му е местотоооо…”.

Па затоа, беспредметно е на бирократката која цел живот ја чуваме како бубрег во лој и живее добро облечена и ухранета на наша сметка, да и објаснуваме дека таа троши пари и на неуките, злобните и предавниците по нивното житие. Таа тоа не сака да го разбере.

Беспредметно е на нетолерантни умови како неа, како на Филип, како на Антонио, како на Коце, како на Никола 1,2 и 3, како на Влатко, да им објаснуваме дека не се тие државата и дека тие се само платени службеници од народните пари, меѓу нив и наши пари, кои треба да работат подеднакво за интересите на сите граѓани и на оние што гласале за нив, и на оние што не гласале за нив.

Беспредметно е на исфрустрирани и несигурни луѓе во себе, да им објаснуваме дека критиката не е проблем на тој што ја искажува, туку на тој што не знае да ја прими.

Беспредметно е на тоталитарни умови кои мислат дека државата и народот постојат заради нив, да им објаснуваме дека немаат право да создаваат граѓани од прв ред, тие што гласале за нив, и граѓани од втор ред тие што не гласале за нив.

Беспредметно е да им објаснувате на луѓе без демократски капацитет, дека сите останати што не гласале за нив повеќе од две третини население, ги имаат истите права на работа, слобода, егзистенција, мирен и спокоен живот, без разлика дали се согласуваат со нивните политики или не.

Во спротивно тие, а не ние, ќе се соочат со народ и гневот на народот. Тоа се вика – со свој камен по глава.
Затоа Валентина, во нашата поезија нема место за ножеви:

Везилке, кажи како да се роди
проста и строга македонска песна
од ова срце што со себе води
разговор ноќен во тревога бесна?

– Два конца парај од срцето, драги,
едниот црн е, а другиот црвен,
едниот буди морничави таги,
другиот копнеж и светол и стрвен.

Па со нив вези еднолична низа,
песна од копнеж и песна од мака,
ко јас што везам на ленена риза
ракав за бела невестинска рака.

Судбинско нешто се плело за века
од двете ниски, два созвучни збора,
едната буди темница што штрека,
другата буди вкрвавена зора.(Блаже Конески)

 

ЕМИЛИЈА ЛАЗАРЕВСКА