Нухиу и Ибрахими станаа министри

Иако официјалната веб страница на МВР се уште не е ажурирани и таму стои дека Министер е Оливер Спасовски, од денеска на негово место седна кадар на ДУИ досегашниот заменик министер Агим Нухиу. По примопредавањето, Нухиу рече дека е свесен за деликатноста на  периодот кога ќе раководи со Министерството за внатрешни работи и затоа, рече, ќе направи  максимални напори со ова решение да бидат задоволни сите граѓани на Република Македонија без оглед на нивната национална, верска, партиска и социјална припадност.

За овој период пред пошироката јавност изјавувам дека ќе се залагам за  негување на професионализмот, почитување на уставните вредности и суштинските стандарди во рамките на нашите надлежности како во областа на државната безбедност така и во јавната безбедност-рече тој.

 

,,Вработените во МВР и сите други треба да се свесни дека имаме државна обврска да ги поддржиме вредностите во секој сегмент на МВР во духот на Охридскиот рамковен договор и силно да придонесеме за интегрирање на РМ во евро-атлатските структури како единствена алтернатива и перспектива на нашата држава.

Им  гарантирам на сите граѓани на Македонија дека секој ќе се соочи со законот доколку се спротивставува на истиот. Никој не е над законот. Имено,  полициските дејствија и акции без целосна транспарентност, без колегијалност и вон принципите на објективност и легалитет ќе се казнуваат на најсуров начин.,,-рече новиот министер за внатрешни Агим Нухиу.

Ова е за прв пат етнички албанец да го води ова министерство. Нухиу своето образование го стекнал на Универзитетот во Тетово каде дипломирал Правен факултет, а магистрирал и докторирал во Приштина , односно Тирана.

Од денеска (29.12.2016), согласно со член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Владата на Република Македонија од јули 2016 година, заменикот министер во Министерството за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими ја презема надлежноста, односно ја врши функцијата министер за труд и социјална политика.

Ибрахими е роден во Гостивар 1967 година и е дипломиран економист. Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје, а во моментов е на постдипломски студии по сметководство и ревизија, како и на постдипломски студии по политички науки на Универзитет на Југоисточна Европа во Тетово.

На 29.7.2011 година избран е за заменик министер за труд и социјална политика, a од 2008 до 2011 ја извршува функцијата заменик министер во Министерството за правда. Во периодот 2007-2008 работи како советник во Министерство за труд и социјална политика. Од 2004 до 2006 бил проект менаџер во Европски центар за Малцински прашања, а во периодот од 2001 до 2004 програмски координатор на проект Ромаверзитас во Фондацијата Институт Отворено Општество Македонија. Во периодот 2000-2001 година е шеф на сметководство во Фатина– Гостивар.

Автор е на брошурата “Практичен водич за невладини организации за ДДВ”,  како и на извештајот на Советот на Европа “Вработувањето и социјалните бенефиции за Ромите во Македонија” (2002), на извештајот на Советот на Европа “Вработување, развојни политики и имплементација”.

Говори англиски, турски, албански јазик, француски јазик (пасивно) и српски јазик-стои во неговата биографија.

Досега ова министерство според Пржинскиот договор го водеше Фросина Ташевска -Ременски кадар на СДСМ.

Ако.мк актуелно-објективно