Обвинетиот Василевски исказите за организаторите на насилството во Собрание ги поткрепил со 115 аудио снимки и 20 фотографии

СО 115 АУДИО СНИМКИ И 20 ФОТОГРАФИИ КАКО ДОПОЛНИТЕЛЕН ДОКАЗ, ОБВИНЕТИОТ АЛЕКСАНДАР ВАСИЛЕВСКИ – НИНЏА ЌЕ ГО ПОТКРЕПИ СВОЈОТ ДАДЕН ИСКАЗ ПРЕД СУДОТ, стои во извештајот од набљудувачите на процесот за насилството на 27 април минатата година, подготвен од Зелена лупа.

На денешното рочиште за случајот ,,27 април” се читаа дополнителните докази на дел од обвинетите.

Обвинетиот Александар Василевски-Нинџа, предложи нов дополнителен доказ. Тој посочи дека го доставил до СЈО, и истиот содржи 115 аудио снимки и 20 фотографии, со кои како што кажа, целосно ќе го поткрепи исказот даден пред судот.
На прашање од судот до обвинителката  Ивана Трајчева, дали постојат физички такви докази во ОЈО доставени од овој обвинет, одговорот беше :
,,Не знам, јас лично не сум видела такви докази, ќе треба да проверам и да ве известам”.

Судијата побара да се провери дали има вакви докази, и доколку има веднаш да се достават до судот..

Доколку доказите бидат прифатени, на барање на обвинетиот, јавноста најверојатно ќе биде исклучена од нивно гледање..

,,Со оглед дека токму исказот на овој обвинет, даде комплетен пресврт на целиот случај, цениме дека доколку јавноста би била исклучена за целиот тој доказен материјал, а не за дел од истиот, со оглед на тежината на овој случај, би произлегле сомненија за веродостојноста на тој  доказен материјал“-реагираат од Зелена лупа.

Следното рочиште е закажано за 20.12.2018 со почеток во 10 часот.