Обвинителката Ленче Ристоска го презентираше обвинението за масовното прислушување

Обвинителката во СЈО, Ленче Ристоска, пред судечкиот совет и обвинетите и нивните адвокати, го презентираше обвинението и наодите до кои дојде СЈО по повеќемесечна истрага, а базирано на прислушуваните разговори.

Таа рече дека обвинението за најмасовното прислушување во историјата на Република Македонија за случајот  ,,Таргет – Тврдина”, ќе го потврди сето она за кое граѓаните се сомневале изминатите години и си велеле ,,немој по телефон, можеби нѐ прислушуваат“.

Обвинитителката Ленче Ристоска рече дека ова е судски процес кој ќе испише нова историја во Македонија, ќе го одбележи времето и ќе остави силна порака за идните генерации.

Според обвинението,  Сашо Мијалков, поранешен директор на УБК, бил главен организатор на злосторничкото здружување кое прислушувало масовно без судски наредби.

,,Искористувајќи ја функцијата, моќта и авторитетот, првин се обидоа да ја негираат ситуацијата велејќи дека не се автентични, па потоа да тврдат дека се сечени, лепени и монтирани. Но, обвинетиот Мијалков имал преглед на сите броеви кои биле предмет на незаконското следење на комуникациите”, рече обвинителката Ристоска. И не само тоа, со лозинка што ја поседувал, можел во секое време да прислушува било кој од тие броеви.

Таа во воведниот говор рече дека секој од припадниците на злосторничкото здружување имал своја улога и задача во групата. Покрај Мијалков, во групата биле б Горан Грујевски, тогаш началник на петтата управа и Надица Николиќ, вработена во УБК. Подоцна на групата ѝ се приклучиле Владимир Варелов, Марјан Шумуликоски, Силвана Златкова, Васил Исакоски и Валентина Симоноска.

Претходно Сашо Мијалков преку неговиот адвокат Љупчо Швргоски се обидел да побара прекин на судењето, повикувајќи се на амнестијата на претседателот Ѓорге Иванов, но судијата го одби ова барање.

Судскиот процес продолжува, а веќе се закажани рочиштата и за изведување докази, за давање одбрана и за сведочење.