Обвинителството го преквалификува делото за смртта на 4-годишниот Алмир Алиу

Бобан Илиќ обвинет за смртта на 4-годишниот Алмир Алиу, нема да одговара за „Убиство со умисла“, туку за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, бидејќи на денешното рочиште, обвинителката во завршните зборови направи преквалификација на делото.

Таа истакна дека Илиќ извршил сообраќајна несреќа со што ја загрозил безбедноста на пешаците, возејќи со брзина од речиси 40 километри на час. Според неа, Илиќ не го извршил делото со умисла.

Делото е преквалификувано, бидејќи на почетокот кога било покренато обвинението, доцнеле доказите од вештачењето.

Од обвинителството појаснија дека за трагичниот настан постои снимка, од која само еден дел беше емитуван во јавноста, односно само ударот на автомобилот во малиот Алмир. Според информации од таму, на првиот дел од снимката се гледало како Бобан, неговиот брат и девојка, биле физички нападнати, а бил оштетен и автомобилот. Исто така девојката, пред да биде прегазен Алмир, преку телефон повикала полиција барајќи помош и појаснувајќи зошто се исплашени.

Како доказ се приложени и психијатриско вештачење и техничко сообраќајно вештачење, за кои од обвинителството појаснуваат дека имале проблем да ги обезбедат бидејќи првите наредби на обвинителот биле одбиени и тоа од Психијатриската болница Бардовци и Техничкиот факултет во Битола. На крајот вештачењата ги изготвиле Универзитетската клиника за психијатрија и Бирото за судски вештачења. Сепак, овие вештачења биле изготвени откако веќе бил поднесен обвинителниот акт, што значи дека обвинителката го напишала без да ги има предвид сознанијата од вештачењата.

Според психијатриското вештачење Илиќ бил пресметлив, односно свесен и рационален, но со афект на страв.