Обвинителство почна истрага за јавните набавки во Министерство за здравство

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поведе предистражна постапка по допрен глас, заради постоење на индиции за повреда на законот при постапки на доделување на договори за јавни набавки во Министерството за здравство.

Предистражната постапка е како резултат на објавените написи од страна на повеќе медиуми во Република Македонија во врска со неправилностите при спроведување на постапките за јавни набавки во Министерството за здравство. Предметот се однесува на постапката за јавна набавка за биореагенси и тестови на крв во износ од 35 милиони евра и за набавка на лекови од веледрогерија за потребите на јавните здравствени установи без тендерска постапка во износ од 24,6 милиони денари.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги презема сите потребни дејствија и координација со институциите надлежни за откривање на овој вид на кривични дела, се вели во соопштението.