Обвинителство ја отфрли кривичната пријава на Тодор Петров против Заев и Димитров

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Решение за отфрлање на кривичната пријава поднесена од организацијата Светски Македонски Конгрес против две лица за сторени повеќе кривични дела – Повреда на угледот на Република Македонија од член 178 од Кривичниот законик, Излагање на подбив на македонскиот народ и припадници на заедниците од чл.179, Велепредавство од чл.305, Загрозување на независноста од чл.308, Здружување заради непријателска дејност од чл.324 ст.1, Злоупотреба на службена положба и овластување од чл.353 ст.2 во врска со ст.1 и за кривично дело – Самовластие од чл.392 ст.2 од Кривичниот законик.

Имено, кривичната пријава минатиот месец ја поднесе претседателот на СМК, Тодор Петров, против премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

По преземените активности за проверка на наводите во пријавата, надлежниот обвинител утврдил дека во дејствијата на пријавените лица не се исполнети битните елементи на пријавените кривични дела, ниту пак на друго кривично дело кое се гони по службена должност.

Истовремено, во пријавата на Светскиот Mакедонски Kонгрес се наведува дека двете лица сториле и кривично дело – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од чл.313 од Кривичниот законик. За ова кривично дело, согласно чл.31 ст.1 алинеја 4 од Законот за јавно обвинителство, надлежно е Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Поради тоа, кривичната пријава е препратена на надлежно постапување во ова јавно обвинителство.

Сите горенаведени кривични дела, Зоран Заев и Никола Димитров ги вршат со флагрантно кршење на Уставот и законите, како и на меѓународното право со “злоупотреба на службената положба и овластување“ казниво по членот 353 и со “самовластие“ казниво по членот 392 од Кривичниот законик, стоеше во пријавата на СМК.

Според СМК, согласно членот 353 од Кривичниот законик Зоран Заев и Никола Димитров како “службени лица ги искористуваат својата службена положба и овластување, и со пречекорување на границите на своето службено овластување и со неизвршување на својата службена должност му нанесуваат штета на Македонскиот народ и на граѓаните на Република Македонија во целина. Штетата е голема, а истовремено се врши повреда на правата на друг.

Според членот 392 од Кривичниот законик, пак, Зоран Заев и Никола Димитров прибавуваат за себе право што сметаат дека им припаѓа, иако промената на името на државата и идентитетот на нацијата не се во попис и опис на надлежности ниту на Владата на Република Македонија, ниту на претседателот на Владата на Република Македонија, ниту на министерот за надворешни работи на Република Македонија.

СМК поради сето ова погоре спомнато, му предложи на  Јавниот обвинител против Зоран Заев и Никола Димитров да предложат мерка притвор и мерка обезбедување на нивниот целокупен имот во Република Македонија и странство, поради опасност од бегство, стоеше межу другото во кривичната пријава поднесена од Тодор Петров.