ОбесчИстена и обесчестена Македонија

Пишува: Емилија Лазаревска

Слика прва:

Охриѓанка, намуртена, стои и ја гледа штотуку излезената дојденка од зградата со своето куче. Дојденката, иако знае што значи тој охридски гард, се прави недоветна и продолжува натаму, молејќи се баш сега Цезар да не крене нога. Но, си вели, сега ќе ја пресретнам , и се фаќа за џебот кадешто стојат кесите за измет, доколку ситуацијата излезе од контрола. Но, петиот член на семејството, чувствувајќи ја напнатата ситуација, само ја крева задната нога, и кратко остава трага на една од тревките.

Намуртената охриѓанка, како од пушка, почнува..,,како не ви е срам, тука ни играат децата, да си го носите во Скопје да ви моча, бла, бла, бла…“. Оваа, дојденката, иако има строга препорака од стопанот, со никого веќе да не се расправа и да не исправа ,,криви дрини“, не издржува и ѝ враќа…,,А не ви пречи ѓубрето што стои зад вас, не ви пречи?!“. И си заминува.

Охриѓанката останува да ја гледа со рацете ставени на колковите, застаната под премин од блокот згради, кадешто аглите се замочани од локални жители, гости на маалската кафеана и блискиот автомеханичарски сервис, каде редовно со вода под бучен притисок се мијат валканите автомобили на скопјаништата.
Патем, тие неколкумина редовни станари од зградата населена со дојденци, додуша само една од нив, редовно истура кофи со детергент врз застоената урина, за да ги убие дразбата и миризбата, но попусто.

Слика втора:

Еден пар странски туристи, шета по пешачката патека која води од каналот па натаму кон познатите кафе-ресторани на езерското крајбрежје, и застануваат, чудејќи се на фреквентноста на сообраќајот, комбиња за дотур, автомобили кои не фермаат забрани и пешачки зони. Одат и пак застануваат. Искосена трева, така оставена заедно со раскасапеното ѓубре под ножевите на косилката. Мажот ги поткрева очилата за сонце, го гледа сметот и продолжуваат. Одат понатаму и пак се во чудо. Сосема на крајот од пешачката зона, значи и најтазе ставените урбани реквизити, корпа за смет и една канделабра, се искривени, мислиш секој момент ќе паднат. И повторно мажот, ги вади очилата за сонце и загледува од сите страни. Ништо не му е јасно.

Дојденката се враќа назад, а тие продолжуваат. Оваа првата си вели- сигурно ќе му паднат очилата кога ќе го види обесчистениот езерски брег, затрупан со исфрленото ѓубре од неодамнешните поплави. Но, тоа, сам си го бара. Што мајка бара да доаѓа во Македонија на одмор?

Уште сме во втората слика и нешто што е редовна појава, а дојденката се прашува дали и некој друг го заблежал ова:

-Зоната за вежбање на отворено. Таму, најмногу млади, речиси мали, деца, девојчиња и момчиња. Откако се поставени реквизитите, на редовните прошетки со песот, забележува едни исти, два-тројца повозрасни охриѓани, како седат со рацете распослани на наслонот од клупата, која се наоѓа спроти вежбалната на отворено. Велосипедот е потпрен на една од канделабрите, а тие, секогаш таму седи еден од нив, бидејќи доаѓаат одвоено, под наочарите за сонце, го фиксираат погледот на оние што вежбаат или се рекреираат. Бидејќи дојденката во сѐ се сомнева, застанува со миленикот, божем го почитува неговото право да душка наоколу колку што сака, и пак се вознемирува заради сокриениот, фиксиран поглед кон девојчињата кои вежбаат.

Слика трета:

Која всушност може да биде прва, бидејќи се случи пред Велигденските празници, ден пред да надојдат дојденците.

Локација иста. Се поставуваа токму канделабрите , кои сега веќе се навалени, пред паѓање. Дојденката во исто друштво, речиси на празната пешачка зона. Туку одеднаш забележува група мажи, како се кошкаат и го стегнува појако ременот од кучето, да не почне да реагира, доколку, овие мажите, почнат и вистински да се пресметуваат. Како што се доближува до нив, почнуваат да и паѓаат и очилата за сонце и вилицата, но истовремено и да добива нагон за празнење на цревата. Еден од работниците кои ги местат канделабрите, го фатил најстариот од нив одзад, и гласно смеејќи се, удира по неговиот заден дел, симулирајќи секс, а останатите, млади работници, умираат од смеење. Дојденката не може да поверува што гледа, па прави благи вртења со главата наоколу да види дали има некој друг освен неа, кучето и исфрустрираните мајтапџии, па откако заклучува дека е сама, храбро продолжува напред, решавајќи овојпат да не се прави дека не ги гледа и да не се срами во нивно име. Како што тоа е често случај кога ќе налета на некој што уринира или врши голема нужда по скопските грмушки. Запалените мажишта, од кои најзапалениот гордо продолжува да се фали како го … стариот, полека престануваат да се смеат, а најмладиот од нив ја наведнува главата, посрамувајќи се.

Натрапничката молчешкум ги одминува со вџашен поглед. На враќање сите наведнати над жардињерите со цвеќе, се обидуваат да го прикријат срамот.

Икс слика…(бидејќи ги има на секој чекор)

Наслов од сајт, затоа што, речиси, нема весници: ,,Возрасна кумановка се замива на чешмичка сред Куманово“, и фотографии од ,,настанот“.

Или – ФБ пријателка објави видео од Гази Баба, од маж кој секојдневно своите физиолошки потреби си ги извршува на паркингот зад нивните згради, кој е запуштен и претворен во депонија. ФБ пријателката во очај, го објави видеото со мажот со спуштени гаќи, барајќи помош, бидејќи вели, ова не се издржува веќе и не знае што да прави.

Многумина сега, можеби ќе се запрашаат-зошто го пишувам ова, кога државата постигнува успеси на меѓународен план, високи гости ја посетуваат , го фалат актуелното владино раководство за нивните достигнувања и т.н и т.н. И да се пишуваат вакви глупости, кои излегуваат од политичкото клише, според кое сите треба да бидеме пресреќни од успесите на оваа Влада, ма ајде те молам…

Шампитарскиот живот, и овој, долу, секојдневниот, се многу, многу различни.
Во секојдневниот, мнозинството граѓани се под стрес. Постојан стрес. Дали ќе преживеат, што ќе јадат, ќе им стасаат ли парите, ќе останат ли без работа, како да најдат работа, каде, како да се справат со секојдневните фрустрации кои започнуваат по пречекорување на домашниот праг… А тие се многубројни. Па, нема место за паркинг, скап паркинг, хаотичен сообраќај, доцнење на работа, нечисти град и држава, секаде ѓубре, прашина, неизмиени улици, искосена трева , па оставена со недели…сѐ на сѐ, хаос.

Менталитетот на граѓаните на оваа земја станува проблематичен. Никој не држи до себе и  не го интересира кој како се чувствува во негова близина. Културата е падната на најниско можно ниво. Образованието исто така. Не се почитуваат, но и не се знаат и не се применуваат основните поими и критериуми за пристојност .

Амбасадорите излегуваат да ни го чистат ѓубрето, не потсетуваат колку сме валкани и замислете, нема институционална реакција. Градоначалниците , или голем дел од нив, не се снаоѓаат со своите надлежности. Нивните шефови на кабинети на социјалните мрежи ги навредуваат граѓаните, гласачите кои им дале доверба… ги дразнат со секојдневните селфи фотографии од европските метрополи, ресторани, вечери…кои патем сите ние им ги плаќаме. Ни порачуваат да си ја гледаме работата и да не се мешаме во нивната.

За разлика од некои, мене ми се допаѓа акцијата на општина Центар и МВР за подигнување на свеста на возачите за тоа каде и како треба да паркираат. Тоа е потребно на сите нивоа и во сите општествени сфери.

Од нула. Како на мали деца да им се објасни што треба и што мора да прават. Мора од градинка да се учат децата дека на улица не се плука, дека отпадоците се фрлаат во корпи, дека носот се чисти со марамче, дека на возрасен или постар од себе треба да му се обраќаат со Вие и да велат добар ден кога ќе влезат некаде. Дека не се зборува гласно и со вулгарен речник …патем со нив ќе научат белким нешто и некои родители.

Урнисан е системот. Вредносните критериуми се искривоколчени. Затоа ни се случува сето ова. Затоа е тешко, стресно и страшно да се живее овде.

И што е најстрашно од сѐ, сите критики или апели до надлежните да се направи нешто, засега остануваат без одговор.

Многумина веќе се чувствуваат измамено, разочарано или како што напиша една почитувана ФБ пријателка: -,, Се чувствувам како рането немоќно животно оставено да пцовиса само во пуста шума… и никој не ги слуша неговите крици… “.

Дали е ова живот за сите? И ако е , тогаш тоа не е животот што го чекавме…

 

АКО.мк