Обидот за поткуп во Теарце влезен во службена процедура

Во врска  со пријавениот  настан на  24.12.2016 година во СВР Тетово за сторено кривично дело – “примање на поткуп“ по член 162 од КЗ на РМ  од  страна на СВР Тетово  преземени се мерки и активности за расчистување на случајот. Притоа, изготвен е записник за прием на кривична пријава во кој пријавителот пријавил дека две лица С. Ш и Ф.И  во периодот  од 22.12.2016 до пријавувањето на 24.12.2016 година година вршеле кривично дело – “поткуп при избори и гласање“, на тој начин што, во вечерните часови биле кај пријавителот и уште во неколку семејства во с.Теарце на кои им нуделе  од  100 до  500 евра за еден гласач, за да не го остварат своето избирачко право.

Воедно, ги барале нивните личните карти или нивни копии. Од извршениот разговор со пријавителот е утврдено дека на  22.12.2016 година лицето С.Ш дошол во неговиот дом и ги побарал личните карти од членовите на неговото семејство кои имаат право на глас и побарал да не гласаат за што ќе му бидат дадени парични сретства. Пријавителот не ја прифатил ваквата понуда.

По добиената пријава и направениот службен разговор, за поднесената пријава е известен Дежурниот јавен обвинител при  ОЈО Тетово. Од негова страна е наложено вклучување на ОКП Тетово за превземање на сите мерки и активности  за расчистување на случајот и  дадена е насока да се повикаат лицата наведени во Записникот за прием на пријава и со нив да се извршат службени разговори. Притоа, од страна на ОЈО при ОЈО Тетово на началникот на ООК-ОКП Тетово му се дадени насоки лицата што се посочени во записникот како сведоци и можни сторители да не се повикуваат во СВР Тетово  во текот на  24.12.2016 година и 25.12.2016 година  за да не се прекине изборниот процес и со постапката да се продолжи од понеделник 26.12.2016 година.

 

Од страна на СВР Тетово во  врска со пријавениот настан за сите преземени мерки и дејствија направен е службен материјал и известување до ОЈО Тетово.