Образованието е сила, образованието е (не)моќ

Пишува: проф.д-р Катерина Тодороска

            Ова е еден од оние пропагандни трикови кои на неговиот најдоследен практикувач, но во спротивна насока, му донесе 11 години моќ за бескрупулозно уништување на македонската држава.

            Ајде од почеток.

Во септември 2008 година влезе во сила Законот за задолжителното средно образование, кое за прв пат се воведе во Македонија. Парадоксалноста на овој Закон донесе бројни проблеми, но секако и казни. Читавме дека „…Од оваа учебна година средното образование е задолжително, а родителите кои нема да ги запишат своите деца во училиште ќе заработат прекршочни пријави и казна од 1.000 евра“. Како и за сѐ, така и за ово Закон, груевата Влада имаше цел, а целта на овој необјасниво забеган Закон, во почетокот беше „…помасовно вклучување на запоставените групи во образовниот процес“. На неимотните родители им се ветуваше парична помош, која или беше еднократна или никогаш не им стигна.

Но, како и за секој грујов „закон за доброто на народот“ и овој имаше своја ЦЕЛ, но не онаа која беше прокламирана, туку сосем друга. Беа потребни многу повеќе високообразовани професори за остварување на целта. Затоа, во текот на таа година, а и потоа, низ Македонија никнуваа факултети и Универзитети како печурки. Дури една тогашна пријателка, виден член на ДПМНЕ-то, на смеа забележуваше дека единствено недостасува Факултет за пантомима во Дојран. Сѐ во име на „доброто на државата“.

           Учебната 2009/2010 година беше промовирна, како оТличен проект, несфатливата пропагандата за запишување на сите средношколци на факултет. Тоа беше наплив на бруцоши, а погубните 92% запишани средношколци на факултетите беше „прославено“ како достигнување на образовната политика на тогашната владеачка гарнитура.

На тој начин, Груевски и неговите полтрони, добија решенија на многу од нивните проблеми. Секако, погубни за државата.

  1. Го решија проблемот со сѐ поголемата невработеност на младата полулација во Македонија. Така, вештачки создавајќи „студенти“ заштедија четири-пет години на небарачи на вработување.
  2. На професорите од УКИМ и другите државни универзитети им се затнаа устите заради БЕДНИТЕ плати, па им се овозможи да предаваат на факултетите-печурки, низ цела држава. И сето тоа, во исто работно време кога требаше сериозно да се посветат на студентите на матичните факултети.
  3. Експресно се промовираше бизнис елитата со продажба на дипломи, од што најмногу корист имаа токму партиските војници на тогаш владеачките партии. На тој начин, лица кои во нормален образовен систем не би имале завршено средно образование, се стекнаа со факултетски „дипломи“. Уште поекспресно истите, ги запоседнаа фотелјите за кои, во нормални услови, не можеле ни да сонуваат. Ама, тие и такви ја „водеа“ држава.
  4. Ја задоволија желбата на „понеимотните родители“ во секој град да има дисперзирани студии, независно од тоа што немаше никакви услови за тоа. Оти во тоа време се бараше квантитет, а не квалитет.
  5. На некадарните, најчесто ДПМНЕ-вски и ДУИ-евски плакатолепачи, уште поекспресно од студиите, им беше овозможено да се стекнат со м-р и д-р. Пак, под превезот на „образованието е сила, образованието е моќ“.
  6. Го донесоа „Кембриџ“ со што дополнително добија можност да ангажираат свои „преведувачи“ кои импровизираа со буквален превод, не познавајќи ја материјата и терминологијата на учебникот кој го преведуваа.
  7. За основците и средношколците требаше да се изготват, преведат и печатат многу повеќе учебници од дотогаш. Секако, „бајадера бизнисот“ го добиваа соодветните печатници на кои не им беше важно што за учебниците ќе употребат габаритна и тешка хартија, само да биде поефтина. Оти никој не мислеше на децата кои ќе се килават да носат ташни со учебници за шест/седум часа.
  8. И, секако, го воведоа ЕКСТЕРНОТО тестирање за да се вработат нивните факултетлии во оценувањето на работата на оние чие знаење можеа да го сонуваат. Не им беше важно ниту знаењето, ниту стресот на децата, ниту понижувањето на сериозните долгогодишни професори во основните и средните училишта. Важно беше, да се перчат со РЕФОРМИ, независно колку се штетни за македонскиот образовен процес.

Многубројни беа добивките на ДПМНЕ-вците и ДУИ – евците од уништувањето на образованието.

Лека-полека, експресно завршените факултетлии ги видовме сместени во најзначајните институции одговорни за иднината на државата т.е. во оние кои се одговорни за квалитетно образование. Согласно на нивните „квалификации“ тие и никој друг ангажираа „експерти“ за изготвување на планови и програми за предметите во училиштата низ Македонија. Тие и никој друг, бираа соодветни пишувачи на учебници, тие и никој друг нарачуваа рецензенти кои ќе ги одобрат предложените текстови, тие и никој друг одобруваа учебници за децата во наставниот процес во државава.

Сепак, најжално од сѐ беше именувањето на инспектори во подрачните и Државниот просветен инспекторат, за кои важеше девизата „полтронството е сила, партиската книшка е моќ“.

Спиралата во образованието, која беспрекорно делуваше со децении, работеше во корист на уништувањето на сериозниот интелектуален капацитет во државата.

Училиштата се наполнија со инстант професори, секако со истата девиза како и за инспекторите. Така, барем во Скопје, многумина беа донесени од овде-онде, без основно познавање на литературниот македонски јазик, оти во Скопје „немаТ“ завршени студенти по одредени предмети кои со години не можеа да се вработат.

Учебниците почнаа да ги „пишуваат“ академици, научници и универзитетски професори на јазик и начин неразбирлив за учениците, а практичарите во основните и средните училишта беа „исфрлени“ од игра. Секако, тогашните полуписмени владетели имаа страв од оние кои можеа да го кренат гласот за злоупотребите во образованието, а најдобар начин да им се затворат устите беа дебелите хонорари за пишување и рецензирање на учебници за основното и средното образование. Покрај оние на кои капа им симнувам за професионалноста, имаше и такви професори кои во животот не напишале учебник за своите студенти или монографија од областа која ја работат. Така, ги добивме сликовниците од учебници во кои текстовите наликуваат на телефонски именик. Најважни беа хонорарите чија сума зависеше од тоа колку страници ќе предадат. Колку поголем текст, толку поголем хонорар. Учебниците станаа страшила за децата, оптоварени со непотребни податоци, неточни информации, а хартијата на која се печатеа ги направија тешки како цигли.

Преведувањето и преводот на текстовите од македонски на другите јазици на кои учеа немакедонските ученици е посебна приказна. Секако и хонорарите. Чест на исклучоците.

            А децата? Децата беа колатерала во целата образовна  спирала.

Во Министерството за образование и наука на највисоките позиции почнаа да се „вртат“  ликови кои беа срам и за образованието и за науката. Токму од нив, го добивме „Кембриџ“, ги добивме несоодветните учебници, ги „збогативме“ учениците со искривени ‘рбети, ги замолчувавме сите деца кои сакаа да знаат повеќе за одреден предмет, оти „инстант“ професорите не се снаоѓаат во битката за поголемо знаење немајќи го ни основното.

Многупати, по социјалните мрежи родители реагираат за несоодветноста, ригидноста, неточности, дури и небулози во податоците кои треба да ги научат нивните деца. И толку.

Секако, тоа не им пречеше на експертите кои онемеа кога ги добија хонорарите за учебниците, а беа презадоволни и од можноста да предаваат на повеќе факултети истовремено за што дополнително им се плаќаше. Ама, инспекторите тоа не го гледаа, оти и ним очите им беа намачкани со мед.

(проф.д-р Катерина Тодороска е научен советник/редовен професор во ИНИ)

АКО.мк