Објавена целосната Предлог владина програма на СДСМ

 

,,Македонија ќе биде држава за сите граѓани. Сите многу брзо ќе почувствуваат што значи да се живее во слободна и демократска Македонија. Нема веќе да има подобни и неподобни, нема веќе над-Македонци, над-Албанци, над-луѓе.

Сите сме еднакви и сите ќе уживаме еднакви права во оваа наша заедничка држава, Република Македонија.

Отворени сме за соработка, заедно да ги поставиме приоритетите и да ги најдеме најдобрите заеднички решенија за сите прашања од интерес и потреба на граѓаните.

Само заедно можеме да ја однесеме Македонија напред.

Доста е омраза, конфликти, поделби, изолации.

Македонија не смее повеќе да ризикува со криминалци на власт кои ги коцкаат спокојот на граѓаните и стабилноста и безбедноста на државата за свои лични интереси, како што тоа го прави раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Со овие луѓе е завршено во политиката, зашто ги изневерија очекувањата на граѓаните и зашто се обидоа да стават рака врз севкупната слобода во Македонија и врз сечиј живот.

Затоа, во Македонија не е возможна реформска Влада со Никола Груевски и со раководството на ВМРО-ДПМНЕ

Отука,

Ги повикувам партиите со коишто го формиравме парламентарното мнозинство да ја поддржат Програмата на новата реформска Влада и да бидат дел од таа Влада.

Ја повикувам идната опозиција да ја искоментира Програмата на новата Влада на граѓаните на Македонија и да ја поддржи. Ќе ја почитуваме опозицијата. Никогаш нема да работиме на нејзино уништување, како што тоа го правеше оваа власт, затоа што таа има важна улога во демократските процеси.

Ги повикувам граѓаните да се вратат од улиците во своите домови и да бидат спокојни. Го почитуваме и ќе го почитуваме правото на протест загарантирано со Устав и закон. И вашиот глас е слушнат. Ви ја соопштив прецизно Програмата на новата Влада којашто се темели исклучиво на Уставот, којашто е посветена исклучиво на потребите на граѓаните и којашто ги обезбедува унитарноста на Македонија и перспективите на нашата држава. Таа програма е готова, денеска ќе биде јавно објавена и достапна за сите.

Го повикувам Ѓорге Иванов, и покрај тоа што нема уставна ингерернција, да констатира дека постои Програма на новата Влада којашто е интерес на сите граѓани на Македонија, го гарантира и штити унитарниот карактер на државата и ја носи земјата кон развој!
Итно се потребни добар живот, развој и еднаквост, одлучна борба со криминалот и корупцијата и ефикасни институции. Потребно е Македонија да излезе од политичката криза, да престане да биде заробена држава и секој граѓанин да биде слободен и да има шанса за добра иднина“-(обраќање на Зоран Заев, презентација на владина Програма на СДСМ).

 

Предлог Програма на Владата 2017-2020

10.03.2017

Предлог Програма за работа на Владата 2017-2020