Сашо Тасевски, Ацо Ангеловски и Љупчо Јаневиќ , кои на 27 април како дел од обезбедувањето на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, ги бранеа премиерот Зоран Заев и останатите пратеници од парламентарното мнозинство и спречија нивен линч, добија признанија за посебен придонес во работењето на МВР.

Признанијата денеска им беа доделени во Штип каде што се прославуваше Денот на полицијата.

На градскиот стадион во Штип припадниците на македонската полиција во рамки на одбележувањето на 7 Мај- Денот на македонската полиција,  и презентираа на јавноста дел од своите можности преку низа показни вежби. Граѓаните имаа можност да се уверат во подготвеноста на македонската полиција за справување со различни предизвици.

,,После сите премрежја и предизвици со кои се соочија службите во Министерството за внатрешни работи, денеска можам слободно да кажам дека успеавме да ја вратиме основната функција на оваа служба – да биде најцврстиот столб кој ја гарантира државноста, Јадро на сигурноста и безбедноста на Република Македонија и во исто време, полиција – пријател и заштитник на граѓаните“, рече премиерот Зоран Заев во своето обраќање .

„Заштитата на граѓаните извира од работата на Министерството за внатрешни работи. Тоа е голема обврска, но и огромна чест што им е доверена на полициските службеници.

Денеска сакам посебно да им се обратам на полициските службеници. Ве повикувам да продолжите да ја вршите вашата одговорна работа согласно Законите и Уставот на Република Македонија. Вие сте првоповиканите, првите кои сте изложени на ризик кога треба да се брани државата и безбедноста на граѓаните. И да знаете, вашата одговорност е препознаена и признаена, тоа граѓаните го ценат и почитуваат! Вашите заслуги имаат одлучувачка улога за сегашноста и иднината на многу генерации. Од името на граѓаните на Република Македонија и од мое лично име сакам да ви го честитам денот и да ви изразам голема благодарност за вашата посветеност и пожртвуваност при вршењето на вашите должности и работни обврски“, рече премиерот Заев.

Министерот Спасовски им го честита Денот на полицијата на сите припадници на македонската полиција и ги повика со заеднички напори да придонесат за враќање на угледот на МВР.