Одлуките на Лустрациска комисија паѓаат како круши

Виш управен суд на 12 декември 2016 година ја поништи одлуката за лустрација на Комисија зе верификација на факти од 2013 година, според која познатиот македонски писател Божин Павловски беше прогласен за соработник на тајните служби во минатиот систем.
Тогаш во знак на протест по одлуката на Комисијата за верификација на фактите која лустрираше уште еден академик по Славко Јаневски, писателот Божин Павловски го напушти МАНУ и Друштвото на писатели на Македонија.
Павловски, откако комисијата го лустрираше писателот Славко Јаневски во отвореното писмо до Груевски и јавноста, напиша: “ во мојот 71 годишен живот помнам само двајца семоќни политичари, Лазар Колишевски и Никола Груевски.
Овој помладиот кој е барем 10 пати помоќен од својот харизматичен претходник не е ни свесен што му е подметнато со лустрирањето на Славко Јаневски и колку ќе бидат трагични последиците и за владејачката партија и за културниот и творечкиот амбиент во Македонија.
„Не верувам дека премиерот го одобрил овој срамотилак и простотилак и се надевам брзо ќе реагира колку толку да ја санира штетата за да не ескалира целата ситуација како онаа со размената на територии” , напиша тогаш Павловски.
Груевски се разбира не реагираше, но лустрираните се жалеа и отогаш некои одлуки ги поништи Управен суд , а некои добија правна сатисфакција во Судот за човекови права во Стразбур како поранешниот претседател на Уставен суд Трендафил Ивановски, кој беше прв лустриран и со кого практично започна процесот на лустрација во Македонија.
Во меѓувреме со политички договор заврши работата на Лустрациска комисија, а членовите и претседателот Томе Аџиев уште се со плата на државни јасли.
АКО.мк