Одредена мерка притвор за Михаил Цветков и Христијан Делев

Судот определи мерка притвор за поранешниот Министер за земјоделство од редовите на Социјалистичка партија, Михаил Цветков и за поранешниот заменик министер за земјоделство од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Христијан делев.

За Ацо Спасеновски поранешен министер и амбасадор на Македонија во Украина, исто од Социјалистичка партија е одредена мерка домашен притвор.

Комисијата за мандатно-имунитетни прашања утре ќе го разгледува одземањето на пратеничкиот имунитет на пратеникот на Социјалистичка на Ѕинго, Љупчо Димовски.

Ацо Спасеновски, Михаил Цветков и Љупчо Димовски беа повикани на разговор во полиција заради истрага за злоупотреба на службена должност во времето кога биле министри за земјоделство. Сите се од редовите на Социјалистичка партија на Љубисав Иванов Ѕинго.

Во четворката осомничени е и поранешниот заменик министер Христијан Делев.

Сите се осомничени за злоупотреба на службена должност при издавање под закуп на земјоделско земјиште.

Oсновното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Лицата се осомничени дека во својство на министри за земјоделство, шумарство и водостопанство и нивни заменици во одреден период склучувале договори за закуп на земјоделско земјиште, кои не ги раскинувале иако закупувачите не го плаќале надоместокот за закуп. Станува збор за досега утврдени 584 договори за закуп на земјоделско земјиште на разни локации низ државата. На овој начин била предизвикана штета на Буџетот на Република Македонија во износ од 88.467.607 денари (над 1,4 милиони евра).

Фото: Христијан Делев