Од вечерва на полноќ започнува изборниот молк

Речиси по тринеделна изборна кампања, од вечерва на полноќ започнува изборниот молк и тридневниот изборен процес.

Утре, понеделник, први ќе гласаат болните од Ковид 19 и лицата на кои им е одредена самоизолација.

ДИК информираше дека вкупниот број на пријавени лица за гласање кои се во домашен карантин заради позитивен тест на Ковид-19 и лицата на кои им е одредена мерка самоизолација е 742, а вкупниот број на пријавени лица за гласање како болни и немоќни е 9465.

Во вторник, на 14 јули ќе гласаат болните, немоќните, хронично болните, лицата во затворите, во старските домови и во домашен притвор.

Според информациите од ДИК, од пријавени 9.499 болни, немоќни и хронично болни лица во ОИК прифатени се барањата на 8.852 лица кои согласно упатството на Комисијата поднеле соодветна медицинска документација за да докажат дека имаат потреба од гласање во сопствениот дом.

Државната изборна комисија информираше дека во тек е или е извршена веќе дезинфекција на сите избирачки места и истата ќе заврши во определениот рок, со што на терен активно се спроведуваат сите препораки и мерки за заштита од Коронавирусот, со цел да се обезбеди целосна здравствена заштита за сите учесници во изборниот процес.

Истовремено, Државната изборна комисија ја изврши распределбата на недоверливиот изборен материјал до општинските изборни комисии, а во текот на вчерашниот ден, со асистенција на Министерството за внатрешни работи Државната изборна комисија го предаде доверливиот изборен материјал до сите општински изборни комисии.

Гласачите ќе мора да се придржуваат на мерките – да држат растојание од 2 метра, рацете да ги дезинфицираат при влегувањето и излегувањето од гласачкото место, а задолжително е и носењето на заштитна маска, за што од ДИК беше направена и симулација на гласањето.

„Државната изборна комисија во овој период обезбеди доволно заштитни средства за здравјето на луѓето, вклучувајќи ги и заштитните маски и ракавиците за избирачките одбори, дезинфекционите средства кои што ги има во доволни количини. И секако секој избирачки одбор ќе има по една количина на маски доколку дојде некој гласач без маска да му даде за да може да го оствари своето право на глас.“, рече претседателот на ДИК, Оливер Деркоски.

На 15 јули, во среда, се одржува изборниот процес на избираќките места.

Гласачките места ќе бидат отворено во 7, а затворени во 21 часот.