Од денеска детската болница во Козле е ставена во функција за ковид пациенти

Детската болница во Козле од денеска е зтавена во функција за прием на Ковид-19 позитивни пациенти. На располагање ќе бидат 60 места за болничко лекување на возрасни и 15 за деца сомнителни и заразени од Ковид-19.  Предвидено е во оваа болница да се носат пациенти со полесна и средна клиничка слика.

Болницата се доекипира со интернистички и инфектолошки тимови, лекари и сестри, кои ќе дојдат и од Инфективна клиника и од внатрешноста.

Уште од почетокот на епидемијата во нашата земја болницата на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле беше дедицирана за третман на сомнителни и заболени деца од Ковид 19. Во моментот во Болницата се сместени 3 дечиња сомнителни за Ковид-19, чии резултати од тестови се чекаат. Од утре Болницата ќе врши прием и на возрасни пациенти заболени од Ковид-19.

Освен на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, болницата „8-ми септември“ која функционира како Ковид центар, сомнителни и заболени пациенти од Ковид-19 се лекуваат и во болниците во Куманово, Тетово, Штип, Велес, Прилеп, Битола, Охрид. Веќе од утре целосно се вклучува  детската болница Козле, а се подготвува и Ковид центар во Кавадарци, се вели во соопштението на МЗ.