Оловни времиња

Македонија ги живее своите оловни времиња. Ние ги живееме нашите оловни години. Секој на свој начин. Неверојатно е кога ќе сфатите дека последните 10 години од животот ви се вртеле околу една точка или зависеле само од добрата или лоша волја на еден човек.

Никола Груевски. Ако го анализираме периодот на неговото десетгодишно владеење, може да дојдеме до фрапатни сознанија за неговиот долгорочен план за окупација на државата во сите нејзини пори. Не му требаше многу време, со помош на пропагандната машинерија, за да убеди поголем дел од македонската јавност дека тој е единствениот на оваа планета што и мисли добро. Тој е најчесниот, најдобриот, најскромниот, наспроти клетата и злосторничка опозиција и неистомислечка интелектуална јавност, која се уште се оцрнува со монструозни размери.

Оваа земја не памети волку отров пуштен меѓу нејзините граѓани. Не памети ваква поделба меѓу луѓето, дури до таму што и хигиеничарите мора да бидат од нивната партија.

Исклучивоста на Никола Груевски има невидени, дури, патолошки размери. Кој сакаше да ги чуе ,,бомбите” што ги објавуваше опозицијата, знае каков водач на една држава е исправен пред нас. Суетен, бескомпромисен, одмаздољубив, нетолерантен. И згора на се, со полни раце криминал. Ние, што имаме уши, не можеме да се отргнеме од тој впечаток. Затоа што, не е нормално, премиер кој ги јаде и нашите пари од разни давачки и даноци што се слеваат во државната каса, да нарачува-шамари. Не е нормално човекот кој завршил економски факултет во Прилеп, да дава наредба како да изгледа центарот на главниот град и тој да одредува какви и колку споменици да има, што треба да се гради во Вардар, колку мостови на него, какви објекти, какви фасади да има, да бидат од она што личи , ама не е барок, да кажува каква зграда да се изгради до ,,Бристол” . Не е нормално, дури и верниот Миле Јанакиески да се осуди да каже дека таму нема место, а жителите на соседните згради се бунат, и тој, Никола Груевски, без око да му трепне и гласот да му затрепери, да му каже тие се комуњари не гласаат за нас! Не е нормално да праќа потчинети и телохранители да ви ја околчат парцелата на Водно , која сакате да ви биде иден дом, и притоа никој не треба да знае за тоа, а оградата да биде неколку метри, никој да не може да ве види. Не е нормално да се церекате и уживате дека некому му ,,течело низ ногавици”, а само неколку дена пред тоа сте му ја урнале скапата инвестиција со барање влакно во јајце. Дали е нормално, сите да ве чуеме, тие што имаме уши, како нарачувате провизија од кинезите, па ве јаде мала јанѕа 5 проценти да не е многу, и пак да сакате да бидете премиер?!

И за крај на ова потсетување, но не и на ненормалното во една личност, бидејќи не слушнавме се од бомбите, не е нормално да нарачувате Мерцедес специјално правен за вас, со монитори на задните седишта за да може да гледаат децата кога се возат, а други деца да умираат затоа што нивните родители немаат пари да ги однесат на лекување во странство. И згора на тоа да кроите план како да го користите скапо платениот ,,мерџо” од наши пари – новинарите за да не ве видат.

Е па – не е нормално!

Ние ќе бидеме уште поненормални ако дозволиме ненормалното да го направиш да биде нормално.

Кога веќе тебе не ти текнува.