ОН: Хаити се соочува со епидемија на колера

Обединетите нации им апелираа на донаторите дека е неопходно да се соберат 119 милиони долари помош за Хаити, потребни за санирање на штетите од ураганот Метју.

Помошта е неопходна за храна, вода за пиење и засолништа за илјадници жители на островската земја.

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун изјави дека организацијата се мобилизираше на сите фронтови за да се собере неопходната помош.

ban-ki-mun

„Некои градови и села практично се збришани од картата. Веќе не постојат“, рече Бан Ки Мун.

Тој предупреди дека тензиите растат додека луѓето чекаат помош.

„Потребен е одговор од голем обем. Тимовите на ОН работат со локалните официјални лица да направат проценка за тоа што е најнеопходно“, потенцираше Генералниот секретар.

„Ураганот Метју предизвика најголема хуманитарна катастрофа на Хаити после онаа од земјотресот во 2010 година, и тоа во време кога земјата се соочува со голем број заболени од колера“, се наведува во апелот од ОН.

Бројот на загинати на Хаити од ураганот достигна 1.000 лица, а починатите се закопуваат во масовни гробници.

Ураганот, најсилен на Карибите во последните десет години, го погоди Хаити минатиот вторник.