Опожарениот автомобил за кој ВМРО ДПМНЕ го обвини Вице Заев се самозапалил

МВР утврди дека на 09.08.2020, кога околу 09.10 часот во СВР Скопје беше пријавено дека на паркинг простор на бул. „Асном“ во нас.Ново Лисиче настанал пожар во патничко возило„сеат алтеа“, сопственост на М.Ј. (35) од Скопје, дошло до самозапалување на ова возило.

Од преземените мерки и активности од страна на полициски службеници од Единицата за насилен криминал, преку извршени разговори и преглед на записи од безбедносна камера, констатирано е дека околу 09:20 часот, внатрешноста на возило „сеат алтеа“ се самозапалува.

Огнот почнал да се шири, а по кусо време оштетениот се обидел да го  изгасне, но при отворање на една од вратите, пламенот се проширил многу брзо и ја зафатил внатрешноста на возилото и другите две возила.

Од пожарот биле зафатени и возилата во непосредна близина „фиат пунто“, сопственост на И.Н (41) и „мерцедес Е 270“, сопственост на К.С (73), двајцата од Скопје.

Од страна на полициски службеници од Полициската станица Аеродром е излезено на местото на настанот и откако пожарот бил изгаснат од Противпожарната бригада на Град Скопје, било констатирано дека целосно изгорело возилото „сеат алтеа“, а делумно се опожарени другите две возила.

По насоки на Јавен обвинител настанот е расчистен и квалфикуван како „пожар“, соопшти МВР.

Истиот ден ВМРО ДПМНЕ преку соопштение праша дали Вице Заев се активира и во Скопје?!

,,Дали Вице Заев, братот на Зоран Заев, за кој слушнавме дека давал насоки чие возило да биде опожарено е нарачателот на палењето на возила во Скопје?!
Аздисуваат ли бандите на власта и дали зад сцената се случува нова мафијашка пресметка?!
Скопје повторно станува како Бејрут. Запалени автомобили насекаде, а СДСМ не реагира преку институциите, кои сѐ уште се под нивна контрола. Ова само говори дека или мафијашите делуваат под нивна наредба или дека се неспособни да се справат со обични криминални пресметки кои им се случуваат пред нос.
Безбедноста во град Скопје е на очајно ниско ниво, а никој за тоа не сноси одговорност.
Граѓаните не знаат кога нечие возило ќе биде опожарено, некој од нив ќе биде ограбен или пак ќе биде жртва на криминални банди. Никој не се чувствува безбеден со СДСМ на власт“-напиша ВМРО ДПМНЕ.

Вице Заев реагираше исто така со соопштение. Тој им порача на ВМРО ДПМНЕ дека со наводно поставување на прашања не можат да се заштитат и ќе мора на суд да го докажат тоа што го тврдат.