Општина Центар ги реконструира улиците

Општина Центар комплетно ја реконструира улицата “Коста Веселинов“. По 15-тина години се вади стариот асфалт под кој беа поставени старите макадам коцки.

Несоодветното и нецелосно уредување на улицата им создаде големи проблеми на граѓаните, која беше во многу лоша состојба, со ударни дупки и со големи вдлабнатини.

Граѓаните се жалеа дека поради големите вирови кои настануваат после секој дожд, не можат да влезат во своите домови. Во договор со надлежните во општината и со градоначалникот Андреј Жерновски, неуредената улица “Коста Веселинов“ започна да добива нов лик.

90 метри долгата улица добива 420 м2 нов асфалт и нов тампонски слој од 30 см. Граѓаните досега беа принудени да се движат по улиците, бидејќи немаше оформено тротоари. Сега се поставуваат 175 м2 тротоари, поплочени со павер елементи.

Детектираните проблеми во снабдувањето со топлинска енергија се решени, по асфалтирањето ќе нема нови прекопи, а граѓаните да добијат квалитетни услуги.

По ова, општина Центар ја продолжува реконструкцијата на улицата “Наум Наумовски – Борче“, од булеварот “Илинден“ до кружниот тек во Дебар Маало и улицата “Коле Неделковски“.