Општина ,,Центар” и ЈП Паркинзи ќе ги згрижуваат бездомниците

ЈП “Паркинзи на општина Центар“ и општина Центар од денеска започнуваат акција за згрижување на бездомните лица во општината.

Преноќувалиштето за лицата кои немаат покрив над глава, како што најавија денеска на прес конференција директорот на ЈП “ПОЦ“, Саша Богдановиќ и градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, ќе функционира за да им се помогне на овие лица за време на екстремно ниските температури.

“Како јавно претпријатие и како општина ги отвараме нашите капацитети и ги прилагодуваме за престој. Преноќувалиштето ќе работи според стандардните процедури за вакви пунктови од 16 часот попладне, до 10 часот наутро. Обезбедуваме и пакети со храна за вечера и за појадок, како и топли напитоци, ќебиња, тоалети, медицинска нега. Посебни лица ќе се грижат за безбедноста на овие наши граѓани“, рече директорот на ЈП “ПОЦ“, Саша Богдановиќ.

Богдановиќ ги повика сите институции да ги отворат своите врати за да се обезбеди место за пристојно сместување на бездомниците, за да може нашите сограѓани да не ги поминуваат деновите и ноќите надвор, под отворено небо, на овие ниски температури.

“Апелираме до централната власт посериозно да се зафати со решавање на овој проблем, бидејќи во овој период навистина е потребно да се излезе во пресрет на овие наши граѓани“, додаде Богдановиќ.

,,Општина Центар ја поддржува оваа идеја која произлезе од ЈП “ПОЦ“, за жал бездомниците се оние кои што се први на удар.

За жал, има и жртви. Ние сме тука за да помогнеме и да се приклучуваме на апелот за и другите институции на локално и централно ниво да ги отворат своите врати, затоа што ние сме должни да им помогнеме на нашите сограѓани“, рече градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски.

ЈП ‘ПОЦ’ и општина Центар ги повикуваат сите граѓани кои имаат информации за бездомници, да пријават во општината или претпријатието.