Општина Центар нема да ја откаже Новогодишната прослава, ќе донираат и учесниците и граѓаните

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, на прес конференција информираше за манифестацијата “Град во Градот 4“, која ќе се одржи на 31.12.2016, на Сквер Јадран.

Тој рече дека не постои можност непосредно пред новогодишната ноќ спо веќе склучени договори, да се откажат аранжманите.

“Правниот тим на општина Центар ги разгледа веќе склучените договори со артистите кои што треба да настапат за новогодишната и заклучи дека раскинувањето на тие договори со нив ќе предизвика сериозни финансиски последици. Заради откажувањето на настапите, ќе треба да ги исплатиме парите во целост, без разлика што изведувачите нема да го одржат новогодишниот настан. Ова е нелогично и нема да донесе никаква придобивка. Можноста да се пренаменат тие средства за идејата која што постои и која што ја разбирам апсолутно, сега е исклучително тешка.
Вие знаете дека дел од граѓаните браат да се откаже концертот поради иницијативата, а дел се за да се одржи новогодишниот концерт. Од тие причини, успеавме да најдеме едно компромисно решение.
Од денеска, тој новогодишен настан нема да има само забавен, туку ќе има и хуманитарен карактер, затоа што тоа ќе се претвори во донаторски проект, каде што сите граѓани и фирми ќе можат да донираат за оние категории на граѓани кои се најранливи.
Први кои веќе потврдија дека ќе донираат се самите артисти, кои ќе издвојат 600.000 денари од својот хонорар за настапот. Парите ќе бидат наменети таму каде што ќе се договориме дека е најнеопходно и во претстојниот период ќе го објавиме.
Очекувам овој пример да го следат и граѓаните. На самиот настан ќе може секој да донира пари, а активностите и можностите за донирање ќе ги објавиме во следните денови. Верувам дека на крајот ќе дојдеме до висока сума на средства, која би била блиску до онаа која општината ја издвојува за организација на самиот настан.
Мислам дека ова е едно компромисно решение кое ќе ги задоволи сите. Благодарност до оние граѓани кои ја дадоа оваа иницијатива. Сепак, за општина Центар ова не е ништо ново, затоа што и по бројки и по факти, општина Центар е општина која што најмногу издвојува средства од својот буџет за социјални намени и проекти”-рече Жерновски.