Општина Центар разгледува дали е возможно откажување на новогодишната прослава

По јавните апели за откажување на новогодишните прослави од страна на општините, a заради  донирање на срествата во хуманитарни цели, општина Центар сака да ја информира јавноста дека во моментот се ревидираат договорите и правните последици за ваквата одлука.

Настанот кој го организира општина Центар е одамна подготвен. Освен локални артисти, настапуваат и артисти од регионот со кои веќе се склучени договори и чие откажување ќе предизвика сериозни финансиски последици. Истото важи и за останатиот дел од организациските работи и логистичките трошоци. Општина Центар има целосно разбирање за овие барања.  Сепак, пред да се донесе ваквата одлука, важно е да се направи сериозна и објективна анализа дали воопшто и колку од буџетот може да се заштеди и реално пренамени. Во моментов општинските служби работат на ова прашање и наскоро ќе имаме конкретен одговор.

Јавноста треба да знае дека општина Центар е општината која одвојува најголем процент од буџетот на социјални и хуманитарни проекти за поддршка на ранливите групи и социјално загрозени семејства. Единствена општина сме која дава стипендии и финансиска поддршка за децата од социјално загрозени семејства и општина која финансира најголем број социјални пакети за семејствата кои за тоа имаат потреба-велат од оваа општина.

Барањето за откажување на новогодишната ноќ и пренамена на парите, следуваше на социјалните мрежи,откако пристигнаа информации од соседството дека повеќе општини во Србија оваа година решиле парите да ги пренаменат на социјално ранливи групи.

Општина Велес соопшти дека тие, планираните средста за новогодишната ноќ ќе ги пренаменат.