Општина Центар ќе испрати инспекција да ја провери градбата до хотел ,,Мериот“

Градоначалникот на општина Центар најави дека во текот на утрешниот ден ќе испрати инспекција за да провери што се случува во непосредна близина на хотелот ,,Мериот“ во центарот на Скопје.

Жерновски реагираше на барање на жители на општината да провери што се гради до хотелот. Меѓу ,,Мериот“ и соседната зграда е подигната метална конструкција која веројатно треба да биде некаков продолжеток на ресторанот Дистрикт.

Ова е единствениот слободен простор кој води до објектите што се наоѓаат зад хотелот, во прв ред ,,Комерцијална банка“. Тука се гради бетонската грдосија која во иднина ќе биде споменик на Мајка Тереза. Буквално секој слободен простор, секоја парче земја на плоштадот е претворен во градежна парцела.

Хотелот ,,Мериот“ беше отворен минатата година во мај и е прв со оваа франшиза на Балканот. Инвеститор е ,,Девелоп Груп“, а иако се шпекулираше во јавноста, инвеститорот Александар Ивановски демантираше дека Сашо Мијалков е вистинскиот сопственик.