Организирана борба со кучиња во Охрид пред очите на полицијата

Повеќе граѓани реагираат за скандалозното однесување на полицијата, која иако била известена дека во Охрид на 24.04. била организирана борба со кучиња, за што има и докази, тие не реагирале. Некои граѓански активисти тврдат дека борбата со кучиња од која многумина имаат финансика добивка, а се организира и кладилница на местото на настанот, е со знаење, дури и поддршка на некои локални моќници во охридската полиција.

Еве што напиша на својот ФБ профил охриѓанецот Климент Арнаудов, активист за правата на животните:

,,Ова се случуваше вчера во Охрид(24.04.2017). Масовна борба на кучиња од повеќе градови изнадојдени. Поради опасноста од тоа да ми се закануваат и по живот (знаеме што луѓе се вмешани во ова, а неделувањето на институциите да ги казнат само им дава на мисла дек се семоќни и допуштено им е да прават што сакаат глумејќи локални шерифи), морав да ја цензурирам сликава. Да пријавам в полиција е џабе (едно чудо пријави ги има нерешени!), со оглед што знам (цврсто стојам на ова!) дека и лица од полиција се вмешани во ова грозоморие (да се ситиш на крв и бол, на крв да печалиш, колку ли нечовек треба да си?) и во ова беззаконие (да толерираш крв и бол нанесување, колку ли неинституционална држава треба да си?), а воедно тие лица присуствувале на борбава. Наводно и полиција дошла, ама спречени биле да делуваат, ете, законите за некои не важат и истите над законите се ставаат. А знам дека и на игнор би ме ставиле ако пријавам, ма тие и за труења дигаат раменици и во очи будала те прават.  Да знаат други што земја станавме, каде полиција кафе си пие со лица вклучени во криминали, вклучени и во вакви борби за кои високи казни се предвидени, дури и затвор, земја каде злото на пиедестал се става на сметка на доброто, моралното, човечното.“