,,Орка Холдинг“ донираше за деца без родителска грижа

Донација на илјада и шестотини зимски јакни компанијата „Орка Холдинг“ АД Скопје во соработка со компанијата за производство на текстил „Монт“ беше доделена во 16 институции низ Републиката, училишта и интернати за деца со посебни потреби, како и деца без родители и родителска грижа-соопштуваат од компанијата.

Кампањата под мотото „Да ги стоплиме детските срца“ компаниите ја создадоа за  да подарат топлина на оние срца, на кои во ладните зимски месеци им е најмногу неопходна. Донацијата на јакни, како и комплети книги „Собрани дела“ од реномираниот Македонски автор за деца Васил Куноски, компаниите ги донираа во детските институции во Скопје, Битола, Прилеп, Гевгелија, Штип, Старо Негоричане, како и во Поградец, Република Албанија.

„Секоја инвестиција во децата е инвестиција за иднината. Ние сме подготвени да излеземе во пресрет и да им помогнеме на маргинализираните групи, а оваа донација, една од многуте до сега, го потврдува токму тоа“ – изјави Јордан Камчев, извршен директор на „Орка Холдинг“.

„Орка Холдинг“ како компанија настојува да ги препознае потребите на заедницата, секогаш давајќи ја поддршката на иницијативите кои имаат најшироко општествено значење. Компанијата продолжува и натаму со низата активности за згрижување на социјално ранливите категории-се вели во соопштението.