Освен од ДУИ, Заев има отворена поддршка од партиите на Албанците

Беса и Алијанса на Албанците во која влегуваат партиите на Зијадин Села и на Гзим Острени дадоа отворена поддршка за формирање Влада доколку мандатот го добие СДСМ и нејзиниот лидер Зоран Заев.

Потпретседателот на Движењето Беса, Зеќирија Ибрахими изјави дека неговата партија е подготвена да гласа во Собранието за новата Влада доколку Претседателот му го даде мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Ибрахими за АлсатМ вели дека партијата која ја застапува сака од политичката сцена да заминат Никола Груевски и неговата партија,  чие раководство е инкриминирано и води антиалбански политики.

Сепак, и покрај изразената подготвеност за соработка со Заев, од Движењето Беса велат дека за модалитетите ќе разговараат откако лидерот на социјалдемократите ќе го добие мандатот.

И од партијата ДР-ДПА изразија подготовност за соработка со Заев доколку добие мандат за формирање влада. Зиадин Села вели дека Заев, не треба да бара мандат преку прес-конференции туку треба да започне конкретни преговори со  политичките субјекти на Албанците.