Османи:Немаше телефонски повик одлуката беше на ДУИ, а Иванов изнесува клевети

Интервјуто на претседателот Иванов за австриски „Винер Цајтунг“, според  партиите на албанците во македонија е подбуцнувачко и не придонесува за добри меѓуетнички односи. ДУИ ги негира тврдењата на Иванов за неводниот телефонски повик кој наводно бил причина за да не се случи коалицијата ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ.

„Првин, ги негираме овие наводи, станува збор за клевети. Ниту еден фактор од надвор не влијаеше врз одлуката на ДУИ. Нашата одлука беше консензуална и внатрепартиска токму во моментот кога констатиравме дека коалицирањето со ВМРО не ги исполнува нашите очекувања во оваа консталација. Така што уште еднаш ќе ги отфрлам овие клевети кои Иванов ги користи за дневна политика. Ние сметаме дека политичките партии треба да го почитуваат потпишаниот договор во Скопје и во интерес на граѓаните да излеземе од кризата што поскоро.“ – изјави Бујар Османи, портпарол на ДУИ за АлсатМ.

Од движењето БЕСА, интервјуто на Иванов го оценуваат како подбуцнувачко кое не придонесува позитивно врз меѓуетничките односи меѓу Албанците и Македонците.  За споменатиот телефонски повик, од БЕСА додаваат:

„За жал, Иванов не ја игра улогата на Претседател на сите граѓани на Македонија, туку сè уште се однесува како партиски војник на ВМРО-ДПМНЕ. Друг важен момент беше и неговата изјава за пропаѓањето на коалицијата меѓу ВМРО и ДУИ. Тој кажа една вистина којашто сите ја знаевме, но никој не ја кажал експлицитно. Тој рече дека тие веќе биле договорени за соработка во идната Влада, по што се случил телефонски повик што ја урнал соработката. Ова со други зборови значи дека тие сè уште ја продолжуваат нивната љубовна врска и оти може да очекуваме друг телефонски повик кој повторно ќе ги соедини.“ – изјави Зеќирија Ибрахими, Движење Беса.

Извор:АлсатМ