Османи: Венецијанската комисија го одобри извештајот за Законот за употреба на јазиците

Претставникот на македонската влада во Венцијанската комисија, Бујар Османи, објави дека Законот за употреба на јазици го поминал филтерот и на оваа комисија, односно го одобрила извештајот за овој закон.

Тој објави:

,,Венецијанската Комисија штотуку го одобри извештајот за Законот за Јазици. Во кратки црти:
– Комисијата нема мадат за оцена на уставноста, тоа е прашање на земјата;
– Комисијата ја поздравува пошироката употреба на албанскиот јазик;
– Комисијата смета дека употребата на двојазичноста во банкнотите и униформите на војската е пракса во неколку земји и не е во спротивност со меѓународните норми;
– Комисијата го омекна вордингот по однос на спремноста на администрацијата за двојазичност во судството додавајќи го зборот МОЖЕБИ нема капацитети и бара наша флексибилност;
– Комисијата смета дека глобите за непочитување на законот се превисоки и треба да се разгледаат… “-напиша вицепремиерот на ФБ.

Македонската претставничка во Венецијанската комисија, професорката Тања Каракамишева, претходно го предизвика Османи на социјалните мрежи.

Таа напиша:

,,Пред седницата на Венецијанската комисија те предизвикувам да и одговориш на јавноста чии интереси ќе ги застапуваш денес?

На сите нас или само на Албанците?

Пред извесно време ме навреди дека сум шовинист…јас вчера на Поткомитетот зборував за доброто на Македонците и на сите малцинства во земјата, а ти денес, за чие добро ќе зборуваш?“-напиша Каракамишева.

Сепак, она што го премолчува вицепремиерот Бујар Османи во својата објава на социјалните мрежи е дека Венецијанската комисија во мислење усвоено денеска, ги повикува властите на Северна Македонија да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Според соопштението, издадено по денешниот состанок во Венеција, правните експерти на Советот на Европа подвлекуваат дека во споредба со законодавството од 2008 година, новиот закон значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици.

Венецијанската комисија, додека ја поздравува подготвеноста на властите за подобрување на јазичната состојба на заедниците, таа оценува дека во одредени области новиот закон може да оди премногу далеку со наметнување на јавните институции на нереални правни обврски, особено во врска со употребата на албанскиот јазик во судска постапка, придружено со тешки санкции во случај на непочитување и можност за промена на судските решенија, доколку има недостаток на превод и толкување во текот на постапката.

Според мислењето на Венецијанската комисија, овој пристап би можел значително да го забави функционирањето на целото правосудство, ризикувајќи сериозни нарушувања на правото на фер судење, загарантирано со Европската конвенција за човекови права.

Комисијата понатаму забележува дека законот за јазици не е прецизен кои одредби важат само за албанскиот, а кои, исто така и за другите јазици на заедниците. 

Венецијанската комисија дава неколку препораки до властите на Северна Македонија, особено за напуштање на одредбите што се однесуваат на двојазичноста во судските постапки. Исто така, препорачува обврската да се користи албанскиот јазик во внатрешна и меѓуинституционална комуникација меѓу државните службеници, да се ограничи на писмените службени комуникации или да биде одложено додека не стане реално соодветното спроведување на таа одредба.