Османли за белградски ,,Експрес“: Ова е доба на порнографијата од новокомпонирани вредности

ВО БЕЛГРАДСКИОТ НЕДЕЛНИК „ЕКСПРЕС“ е објавено мега интервју со македонскиот писател Томислав Османли.

Во мега-интервјуто со македонскиот автор, носечки текст на прилогот за култура „Сцена“ на тиражниот неделен магазин, се зафаќаат естетски, социјални, медиумски и етички теми на современата реалнот и книжевност

                                              _____

Под насловот „Каприцот е жанр на секојденвието“ белградскиот неделник „Експрес“ објавува разговор на книжевниот уредник, автор и критичар Урош Ристановиќ со македонскиот писател Томислав Османли. Станува збор за мега-интервју поместено во додатокот за култура „Сцена“ којшто во најновиот број се отвора токму со портретот на македонскиот писател. Повод за овој разговор е неодамнешната појава во Србија на прозната книга на Османли објавена под насловот „Збир-ка-прича“. Прозната збирка раскази на нашиот автор излезе од печат во издание на денес водечкото српско книгоиздателство „Прометеј“ од Нови Сад.

„Книгата“, бележи авторот Ристановиќ во уводот на своето интервју со македонскиот писател, „донесува деликатни приказни од работ, од оние преоди и маргини кај кои човекот често и неочекувано престојува, и во кои егзистенцијално изгорува. Во книгата, соткаена од среќавањата на лирското и на епското, на внатрешното и надворешното, станува збор за реалиите и за животните, општествено-политички околности во кои субјектот се нашол, но и дека сето тоа е раскажано – укажува Ристановиќ – од аголот на еден зрел и искусен раскажувач кој на литературната сцена на регионот се докажал со преку дваесет дела. Сето тоа говори за истрајноста, квалитетот и оригиналноста кои Османли ги поседува, за што недвосмислено сведочи и неговата најнова книга“.

Интервјуто со македонскиот автор варира различни теми: книжевно-естетски, социјални, медиумски и етички. 

Османли коментира дека каприцот е жанрот од на самото наше секојдневие, и додава:

„Ние всушност него го населуваме, со тоа, и каприцот нѐ населува нас. Преплавени сме со краприциозната иронија на стварноста во која живееме тука, покрај самиот раб  на ова контрадикторно столетие кое се претставува како да е унапредување, во времево кое кое повторно оживуваат призраците на конзервативизмот, профитерството, егоизмот, на анксиозноста и на конфликтноста на социјален план, а со тоа и на омасовените социопатии. Поединецот притиснат од таквите околности е уште поосамен и тие чувствувања кон светот во кој живееме, треба одново и книжевно да бидат изразувани“, истакнува Османли на почетокот од интерјуто за белградскиот неделник. 

                На прашањето од каде потекнува поднасловот на книгата „Елегии и гротески – апсурди во проза“ и дали нашата стварност потполно ја релативизирала граница помеѓу апсурдната и прозата на реалистичната постапка, Османли вели:

„Социјалниот адекват на  гротеската и на апсурдот е отуѓувањето. Ние – додава тој – кои радо го читавме младиот Маркс (теоријата за отуѓувањето) и зрелиот Брехт (вчудовидност, V-effekt, алиенациски ефект) и во 60-те и 70-те години на минатиот век живеевме во лајбницовското уверување дека постоиме во најдобриот од можните светови…сега на дело ја живееме стварноста на протокапиталистичкото отуѓување. Отуѓен е глобалниот современ свет, како и нашите веќе непрепознатливи матични средини“.

                Авторот на интервјуто Ристановиќ укажува на една од прозите во книгата на Османли –   „на прекрасната минијатура ’Шапката на професорот Даштевски’ “, од која во рамките на интервјуто е издвоена и одломка; и прашува: „Како дозволивме принципиелноста како квалитет на човечкиот материјал да стане гола наивност, фантастика, гротека?“. Одговорот е лаконски: „Ние ова време не го избиравме. Некој него цинично го одбрал за нас“ и откако ќе укаже на поништуваните вредности, Томислав Османли ќе се осврне на ироничната опачина на современото општество кое „…денес е сѐ поостро поделено на два дела, на повластени и обезвластени; големот свет е поделен на Евроазија, Истазија и Оканија; Орвел е солидно жив, а ако ова не е 1984, тогаш е само некоја година повеќе од хронологијата на очајната завршница на минатото столетие. Никако, меѓутоа, не и крај на втората декада на 21 век.“

               По повод дел од илустрациите, пред сѐ оние од знаменитиот надреалист Макс Ернст, кои Османли самиот ги вкомпонирал со текстот на неговата книга „Каприча“, следи прашањето на Ристановиќ за југословенските надреалисти и заборавот што паѓа врз таа галерија од светли модернистички книжевни ликови. Одговорот гласи:

„Ернст е одличен автор, но тој никогаш не извршил така широки влијанија какви што кај нас извршиле Оскар Давичо, Вучо, Душан Матиќ,  Марко Ристиќ и особено сјајниот надреалист и политички моралист Коча Поповиќ во воениот, дипломатскиот, но и во општествен живот на Југославија. Ми се чини дека, да не биле надреалистите  и слободоумните интелектуалци во врвните органи на политичката моќ, како и влијателните естети како Моша Пијаде и Мирослав Крлежа, дека Југославија би била една болшевичка варијанта надвор од тој воен блок. Надреалистите и хуманите интелектуалци од граѓанска провениенција го облагородувале и внесувале демократски логос во јакобинското општествено устројство и покрај еднопартизмот, а земјата ја упатија не само кон Третиот  свет, туку и кон трети и други, либерални вредности во времето на острите, црно-бели поделби на шаховската табла на светот од Студената војна. Тоа е – заклучува Османли – она кон што (ние, некои!) сме југо/носталгични. Југославија во една метафизичка визура беше еден надреален проект. Како сонот. Јавето, од друга страна изгледа – вака.“

                На прашањето како би го окарактеризирал денешниот интелектуалец, Османли одговара:

„…денес интелектуалец е оној кој ги просудува безвредностите и скриените прагматични агенди среде оваа бескомпромисно меркантилна сегашност. Ова е доба на порнографијата од новокомпонирани вредности, на скандализации со изложувања интимни приватности, на комуниакции со што е можно покуси текстови, постови и статуси, на делитераризација, на примитивни говори од ботоксирани усни, на Фарми други ријалитија кои со кои мас-медумските могули  од луѓето прават  масовно понижувани домашни животни (zoon telеoptikon-и!), од медиумите – арени, при што во овие културни простори бескомпромисно го точат империјализмот на потрошувачкото општество, а од самото општество создаваат масмедиско трло… На лице е колосална манипулација со иднивидлуалноста, приватноста и сувереноста на субјектите, оние индивидуалните како и оние општествените!…“

                Во продолжение интервјуистот констатира:

„Вашето дело е од несомен квалитет и значење“ потоа и прашува: „Уживате ли статус на писател во својата заедница?“. Одговорот на  македонскиот писател е „Не уживам статус, но фала му на бога, ја уживам почитта на мојата матична културна заедница“; и потоа се осврнува на нужноста од враќање на респектабилниот статус на книжевникот како создавач на темелни вредности на една култура, „со кои општеството на писателот би му возвратило за книжевните како најзначајни и најтрајни инвестиции во културата на една средина. Тоа за жал сега не е така.“  

                Потсетувајќи дека е автор на близу дваесет и пет книги, авторот на разговорот го прашува Османли дали е задоволен од оствареното. Одговор е кус: „Главно сум. Одам, меѓутоа, натаму. И јас, ете, без пишување не можам да постојам. Тоа ми е и смисла и ослободување.“

                Недела дена по објавата во печатениот магазин, интервјуто со македонскиот писател Томислав Османли ќе може да се прочита и на електронската страница на белградскиот неделник „Експрес“ на https://www.ekspres.net/scena