Османли: Секако дека сум југоносталгичар, тоа ми е почовечно и послободно

Интервју на писателот Томислав Османли за српски Данас :

-Кон прашањето како гледа на државите настанати со распадот на СФРЈ и дали е југоносталгичар, Османли одговара: „Да не се биде носталгичар по крвавата војна во минатото столетие и популистичкиот, историоманичен, етнофилтистички, да не кажам шовенски почеток на ова, би била заслепеност или споулавеност…“ и, откако ќе направи разлика меѓу етничките права и слободи, вредностите, силната сувереност и најширокиот меѓународен углед на сразмерно малечаката, бивша федерална заедницаа, од која нејзините граѓани „патуваа ширум светот, дури зад оној стариот, Берлински, не и зад овој нов, конзервативен ѕид“, Османли ќе заклучи: „Секако дека сум југоносталгичар. Тоа ми е поинтелектуално, послободно и почовечно“.

На прашањето на соговорничката за тоа што не’ чека зад ѕидовите кои ги подигаме кон се’ она што е Друго, нашиот автор одговара: „До колку наместо потчинувањата кон колективното и иднивидуалното Его не се определиме за филантропските и солидаристички – пре се’ човечки и соседски вредности – ние никогаш нема да ја појмиме Другоста. Не’ очекува ентрописка палингенезија, не’ очекува вечното повторување на истата самоврушлива душевност. Во себе се престојува, но единствено во себе – не се живее“, ќе го заврши своето интервју за српскиот дневен весник „Данас“, македонскиот писател.

Српското издание на романот „Зад аголот“ објавено изминатиов октомври, е проследено со исклучителниот поговор на акад. Ферид Мухиќнасловен „Ултимна романескна синтеза“. Во тој поговор, своевремено објавен како книжевна критика и во нашите медиуми, истакнатиот филозоф, писател и критичар овој роман го сместува на самиот врв на македонската книжевност.

Интервјуто со Томислав Османли насловено „Ова е време на сенки“, истакнатата српска книжевна критичарка и новинарка Анѓелка Цвијиќ го започнува со претставувањето на авторот и на неговиот роман: „Девет текови на приказната и близу педесет и пет ликови се вкрстуваат и се сочелуваат во романот `Зад аголот` на Томислав Османли, еден од најпознатите и најинтерсни македонски писатели денес“, и продолжува: „Ова дело со исклучителна книжевна градба и завидна ерудиција го објави `Албатрос плус` во одличниот превод на Зоран Ж. Пауновиќ, којшто на српски го преведе и претходното прозно остварување на Османли, „Дваесет и првиот“ во издание на ’Дерета’, во 2015та“.

Оваа нова објава посветена на спомнатиот македонски роман и реализирана во најчитаното издание, неделниот прилог на белградскиот дневен весник „Данас“, во српската културна јавност доаѓа, како по неодамнешниот, исто така изразито позитивен осврт публикуван во белградскиот дневен весник „Политика“, така и по изборот на романот „Зад аголот“  – од страна на влијателниот портал Belgrade EdtCulture – за еден од петте најдобри странски преводи на книжевни дела во Србија лани.